Брз и едноставен ручек со летни продукти кој верувам дека на сите ќе ви се допадне. Состојките дадени во рецептот се однесуваат за количина која е доволна за едно лице, а вие според потребите, зголемете ги количините на состојките.

Потребни состојки (за едно лице): 1 поголема тиквица, по желба колку што сакате рендан кашкавал, 1 јајце, 3 лажици кисела павлака, малку сол, сув зеленчук (вегета) или зачини по ваш вкус

Постапка: тиквичките исечкајте ги на тркалца и наросете ги со вегета. Доколку се млади нема потреба од лупење, само отстранете им ги краевите. Огноотпорниот сад намастете го со малку маслиново масло или путер.

Потоа наредете еден ред тиквички така да го покриете дното, па врз нив наросете малку рендан кашкавал, па повторно тиквички, рендан кашкавал и повторно тиквички и сè така додека да ви се потроши материјалот.

Во еден сад изматете го јајцето/јајцата со кисела павлака, малку посолете и зачинете по вкус, па прелијте преку тиквичките. Одозгора повторно изрендајте кашкавал и ставете кратко да се потпече додека да фати убава румена боичка.

Печете во загреана рерна на 200 степени околу 10-12 минути. Ако сакате, помеѓу редовите од тиквички можете да додадете и и претходно пропржено мелено месо. Прочитајте и како се приготвува многу вкусна мусака од тиквички:

МУСАКА СО ТИКВИЧКИ: Најубавото и највкусното летно јадење. Вкусен и лесен ручек кој секој може да приготви. Оваа мусака е толку многу вкусна, просто секој залак се топи во уста.

Потребни состојки: 300 г мелено месо, 4 јајца, 1 кромид, 4 чешниња лук, 2 тиквички, сол, црн пипер, масло, мелен црвен пипер, 4-5 лажици брашно, 100 г презли (лебни трошки), 2 моркови, 1 павлака, малку сирење

Постапка: на малку масло пропржете го ситно исечканиот кромид, ма потоа сечканиот или рендан морков, па додајте го меленото месо и убаво пропржете го додека да ја промени бојата и да испарат вишокот течности.

Зачинете по вкус со сол, црн и црвен пипер, а убав вкус дава и ако додадете малку ситно сечкано лукче или лук во ситни гранули (во прав). Тиквичките излупете ги (ако се млади не мора), па исечете ги на тенки кругови.

Посолете ги и оставете ги да отстојат половина час за да го испуштат сокот. Потоа процедете ги. Во посебен сад изматете две јајца, а плехот или огноотпорниот сад намастете го со масло.

Секое тркалце тиквичка најпрво набрашнете го, а потоа потопете го во јајцата и на крај извалкајте го во лебните троошки. Вака подготвени тиквички (исто како за похување, само што не треба да се пржат во масло) редете ги на дното од намастениот плех.

Врз редот тиквички распоредете неколку лажици од пропрженото мелено месо, па повторно тиквички, па месо и сè така додека да го потрошите материјалот. Редењето завршете го со тиквички.

Изматете ги преостанатите две јајца, додајте ја павлаката, па фино изедначете и смесата прелијте ја преку тиквичките. Одозгора изрендајте кашкавал и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути.