Прекрасни кифлички кои се печат само 8 минути! Може да се приготват во солена или слатка варијанта, па во рецептот се дадени двете варијанти како опција.

Интересна подготовка – се замесува тестото, се прават кифличките, стасуваат еден час, а потоа се печат само 8 минути. Печените кифли се премачкуваат со путер и готови се за консумација, пишува НМД.мк

Потребни состојки: 750 г брашно, 150 г путер, 3 лажици шеќер во прав, 2 лажици сол, 500 мл млеко, 50 г свеж квасец и 1 јајце и малку сол.

Ако правите слатки печива: 750 г брашно, 150 г путер, 125 г шеќер во прав, 500 мл млеко, 50 г свеж квасец, 1 јајце и малку шеќер и уште: 30-40 г растопен путер за премачкување

Постапка: Загрејте го млекото да биде млако (не врело), па растопете во него шеќер во прав и путер. Во смесата издробете свеж квасец, промешајте да се растопи, па додајте сол и брашно.

Брашното додавајте го постепено, на почетокот мешајќи со лажица или жица, а на крај замесете со рака. Формирајте мазно и еластично тесто. Од тестото формирајте 20 топчиња, а од секое топче развлечете кора и свиткајте кифла.

Кората можете да ја засечете од едната страна, на ленти, но не до крај, па ќе добиете „гасеница” кифли. Вака приготвените кигли редете ги во плех обложен со хартија за печење, па одозгора покријте ги со друго парче хартија или најлон.

Оставете ги да стасуваат еден час на собна температура. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 250 степени и пред печењето секоја кифла премачкајте ја со изматено јајце со сол/шеќер. Кифличките се печат 8 минути на 250 степени. Прочитајте го и следниот рецепт, еден од омилените на читателите на НМД.мк:

Најубавите кифлички со јогурт и кисела павлака за 20 минути – едноставни за правење, а секогаш успеваат – ЖУ ЖУ. Брзи, вкусни, подобри од купечките! Можете да ги приготвувате за разни слави, родендени и други свечени пригоди, но можете да ги правите и секој ден, бидејќи на сите им се омилени и сите ќе ви ги бараат.

Потребни состојки: 100 мл јогурт, 100 мл кисела павлака, 100 мл млеко, 100 мл масло, 2 јајца, 2 лажички шеќер, 40 г свеж квасец, малку сол, 700 г брашно +- За фил: 250 г путер/маргарин, 200 г + 200 г ситно сирење, 200 г салама, 1 белка

Постапка: Павлаката, јогуртот и млекото малку замлачете ги, додаjте шеќер и квасец и уште 4 мали лажички брашно. Кога ќе се активира, додаjте ги другите состојки, замесете тесто и оставете на топло место за да стаса и да го удвои својот волумен.

Потоа развлечете една голема кора, преку неа изрендајте еден ладен маргарин и наросете 200 г ситно сирење. Свиткајте во ролат кој треба да отстои половина час, па повторно се развлекува голем правоаголник кој се сече на пет ленти. Во цик-цак се сечат лентите за да се добијат триаголници.

Се филуваат со 200 г сирење и салама сечкана на коцки. Се премачкуваат со разматена жолчка. Можете да ги замрзнете па да ги вадите и печете по потреба. Печете ги додека да добијат убава боја на 180-200 степени, во зависност од вашата рерна. / recepti.com