Масовната вакцинација на населението во Србија против инфекцијата ковид 19 започна кон крајот на декември минатата година и досега се вакцинираа околу 320.000 граѓани.

Според бројот на вакцинирани на милион жители Србија е на третото место во светот, после Велика Британија и Малта, а по бројот на примени вакцини на 100 луѓе – втора во Европа.

ЕДВАЈ ЧЕКАМ ДА ГИ ИЗГУШКАМ И БАКНАМ ВНУЦИТЕ. Овие денови, додека сè уште можеше да се застане во ред за вакцина без никакви предвидени пријави, после првата добиена доза, граѓаните од пунктовите излегуваа со видна доза на олеснување.

ТВ камерите во своите анкети забележаа бројни желби, пред сè на повозрасните граѓани, а најмногу од нив изјавија дека “едвај чекаат да одат кај своите деца и внуци, за да ги прегрнат и бакнат”. Но, дали навистина смеат тоа да го направат, дури и ако ја добиле првата доза од вакцината, објаснуваат научниците и експертите.

Во моментот на вакцинација не сме заштитени од вирусот. Вирусологот д-р Миланко Шеклер од Ветеринарниот специјалистички Институт “Краљево”, во разговор за еКлиника нагласи дека луѓето во моментот на вакцинација не се заштитени од вирусот.

-Сите кои се вакцинираа, сè до втората вакцина не можат да бидат опуштени и да се однесуваат како да се апсолутно заштитени. Дури и кога ќе се прими втората доза, односно ревакцината, повторно треба да бидат внимателни некое време.

Од првата до втората вакцина луѓето мора да се однесуваат како воопшто да не се вакцинирани. Тоа е проста логика, бидејќи заштита не може да настапи во моментот на апликација.

Антителата започнуваат да се “покачуваат” можеби од 10. до 14. Ден, но тие секако не се доволни за да го заштитат човекот од инфекција. Мора да се прими и втората вакцина и да се почека уште некое време, 10-тина дена, за да може да се каже дека заштитата започнала.

Значи, времето од вакцина до ревакцина е период кога човекот е чувствителен и подложен на инфекција – објаснува д-р Шеклер. За 3 до 6 месеци можеби ќе можеме да речеме “Вие сте сигурни”.

Директорот на Институтот за биохемија Goethe University во Франкфурт, молекуларниот биолог д-р Иван Ѓикиќ вели дека нашиот организам после вакцинирањето против корона ќе биде заштитен, во смисла дека нема да добие болест.

-Меѓутоа, прашање е дали тие антитела ќе дојдат во нашиот нос, во нашата слузокожа, дали таму можат да го блокираат вирусот… Вирусот може локално да се шири во слузокожата и кај лицата кои ја примиле вакцината, па на тој начин и тие би можеле да ја пренесуваат болеста.

Потребни се уште најмалку 3 до 6 месеци сериозни испитувања за да можеме на граѓаните да им кажеме “Вие сте сигурни!” И токму поради тоа, додека не сме сигурни, ги советувам и лицата кои се вакцинирани да носат заштитни маски.

Бидејќи, ако како носители на вирусот во нос, тие лица иако не се заболени, сепак можат да го пренесуваат и шират вирусот на други лица. Тоа сакаме да го спречиме за да не ни донесе дополнителни проблеми.

Граѓаните треба да знаат дека науката може да понуди одредени одговори, но кога не сме сигурни, мора да користиме заштитни епидемиолошки средства за да ги заштитиме граѓаните и од оние помалите опасности, со кои сè уште не сме запознати докрај – нагласува д-р Иван Ѓикиќ.

Мислете на оние кои не смеат да се вакцинираат. Експертите предупредуваат дека ќе биде потребно време за да се постигне колективен имунитет, што исто така не е загарантирано, па нефармацевтските интервенции како што се носење маски и физичко дистанцирање и натаму ќе бидат клучни за стопирање на ширењето инфекции.

Од друга страна, тука се и луѓето кои не можат да се вакцинираат, како оние со сериозни алергиски реакции на состојките од вакцината. А некои трудници или доилки може да одлучат да не ја примат вакцината додека да бидат достапни дополнителни информации за безбедноста на вакцината за групата во која припаѓаат.

Постојат и полесно преносливи мутации на вирусот. Важно е да продолжиме да ги носиме маските за лице поради новите мутации на вирусот кои се идентификувани. Бидејќи се смета дека се поинфективни, можат и полесно да се пренесуваат и да се шират на повеќе луѓе, особено ако вакцинираните луѓе се способни да го пренесуваат вирусот а не носат маска.