Кога ни се јаде нешто вкусно а брзинско, а во фрижидерот нема којзнае што, тогаш за појадок го јадеме ова…

Потребни состојки: 1 чаша од 180 г или 200 мл јогурт (или кисела павлака), 2 јајца, 2 чаши брашно, ½ чаша масло, ½ чаша млеко, 1 прашок за печиво и сол, црн пипер

За фил: 1 чаша рендан кашкавал, 1 чаша сечкана шунка и маслинки по желба

Постапка: Јајцата изматете ги со миксер да станат пенасти, па додадете јогурт, па со лажица промешајте го брашното претходно измешано со прашокот за печиво. Полека додавајте ги маслото и млекото, а добиената смеса не треба да биде претврда.

Изрендајте кашкавал (гауда или некој друг) и исечкајте ја шунката на лентички или коцки, додадете зачини, па полека додадете ги во тестото и промешајте ги за да се изедначат.

Јас изрендав и половина тиквичка зошто ми се најде во фрижидер, да не ја фрлам. Може да додадете и сечкани кисели краставички.

Смесата излејте ја во намастен плех со средна величина, а одозгора набоцкајте неколку маслинки ако имате. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени.

Ако сакате поголема колична мерете со поголеми чаши или удвојте ја дозата. Може да се послужи со салата или со јогурт, по ваша желба. / Coolinarika.com