Овој рецепт за гулаш ме воодушеви, па морам да го споделам со вас…Излегува навистина многу вкусно јадење.

Потребни состојки:

1 кг јунешко месо (од бут или плешка)
500 г кромид
3 чешниња лук или повеќе
1 поголем морков, или два помали
2 лажици концентрирано пире од домати
2 – 3 лажици бел вински оцет
50 г црвен пипер во прав (алева пиперка)
500 мл јунешка база за супа (најдобро од домашни варени коски, ама може и од коцки)
2 ловорови листови
сол, црн пипер, малку свеж магдонос

постапка:

Месото исечете го на крупни коцки. Кромидот и лукот исечете ги ситно. Пригответе поголем сад за печење кој е погоден за динстање во рерна.

Прво на рингла, во гореспоменатиот сад, растопете 3-4 лажици путер и додајте го кромидот. На тивок оган убаво издинстајте го околу половина час, да добие златно-стаклеста боја, а пред крај додајте го лукчето и морковот исечкан на тркалца.

Во меѓувреме пригответе ги сите останати состојки: црвениот пипер, базата за супа, оцетот и доматното пире.

Пиперот, оцетот и доматното пире ставете ги во еден сад и со постојано мешање долевајте ја базата за супа, додека убаво да се соединат состојките и да се добие изедначена смеса.

Добиената смеса прелијте ја преку динстаниот кромид и убаво промешајте.

Парчињата месо наредете ги во приготвената смеса, секое парче свртете го неколку пати за да биде натопено од сите страни. Зачинете со сол и црн пипер, па додајте ловоров лист.

Покријте го садот и ставете во загреана рерна на 160 степени да се динста околу 3-3,5 часа на иста температура. Повремено превртувајте ги парчињата месо за да не се исушат и рамномерно да се издинстаат.

По желба, кога гулашот ќе биде готов, месото извадете го, а сосот (сафтот) со рачен блендер сомелете го во кашесто пире.

По вкус додајте уште 100 мл црно вино и вратете го месото назад.