Со овој рецепт на Виолета Танкосиќ Андреевска не можете да погрешите. Ова е еден старински колач кој сите го сакаат. Семето од афион совршено одговара со чоколадната глазура.




Потребни состојки: 2 шолји шеќер, може и помалку, по вкус, 2 шолји млеко, 1 шолја масло, 3 шолји брашно, 1 прашок за печиво, 100 г мак (афион). Чоколадна глазура може и не мора да ставате (100 г чоколадо со 2-3 лажици масло).




Се мери со една иста шолја од 200 мл, јас користев шолја за чај. За посна варијанта, наместо млеко, може да употребите сок од портокал, газоза, вода, а наместо чоколадна глазура може одозгора да се премачка со џем.




За која варијанта и да се одлучите, колачот секако излегува многу вкусен. Постапка: Сите состојки по ред се ставаат во подлабок сад и се мешаат со лажица додека да добиете изедначена мазна смеса.




Смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех со средна величина и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени. Јас печев во тркалезна тепсија бр.30, околу половина час или додека колачот да започне да се одвојува од ѕидовите на тепсијата.




Ако користите поголеми шолји, тогаш користете поголема тепсија. Печениот колач одозгора прелијте го со чоколадна глазура, топено чоколадо со малку масло или по ваша желба.




Колачот може да се приготви и во посна варијанта. Наместо млеко ставете газоза или вода, сок и рендана кора од портокал, а одозгора премачкајте го со вашиот омилен џем. / Виолета Танкосиќ Андреевска. Прочитајте го и следниот рецепт на Габриела Миленковска за посен мак колач:




Потребни состојки: 2 филџани шеќер, 2 филџани млака вода, 1 филџан масло, 3 филџани брашно, 1 прашок за печиво, 100-150 г семе од афион, 1 ванилин шеќер. Се мери со шолја за кафе, од поголемите, 150 мл.




За чоколадна глазура ќе ви биде потребно: 100 г чоколадо за готвење и 1-2 лажици масло. Постапка: Во поголем сад ставете два филџани млака вода и еден филџан масло. Додајте 2 филџани шеќер и една кесичка ванилин шеќер (по желба) и промешајте малку со маталката за да се растопи шеќерот.




Потоа додајте 3 филџани брашно и еден прашок за печиво. Непрекинато мешајте додека додавате шолја по шолја од состојките. А на крај додајте го афионот и убаво соединете во компактна смеса. Тепсија со број 28 намастете ја и набрашнете ја, а вишокот истресете го, па во неа излејте ја приготвената смеса.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. За глазура: едно чоколадо за готвење со една лажица масло се растопува на пареа или на многу тивок оган, па се премачкува тортата млака а чоколадото топло. Се декорира по желба, но не мора, може да се остави и како сув колач наросен со шеќер во прав.