Лазарова Сабота е еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус. Лазарова сабота е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, точно една седмица пред најголемиот празник Велигден.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос.

Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота.

На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. На овој ден обично се оди на река и се вели: “Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене”.

На овој ден се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.

Во Македонија групи девојчиња облечени како невести одат и пеат лазаревски песни, како обичај за големиот празник, одат од куќа на куќа и собираат јајца и пари.

“Ајде Цвето на цвеќе, Лазаре

Цвеќе да си береме, Лазаре,

Китки да си китиме, Лазаре,

Кому китка по китка, Лазаре,

На Лазара пет китки, Лазаре.”

Младите невести, девојките и девојчињата со китките во раце пеат и други песни и играат.

Лазарките го најавуваат доаѓањето на пролетта и Велигден. Во Скопско Сопиште малите деца си ги бришат образите од носијата на лазарките за здравје, среќа и против уроци. Тие пеат:

„Играј, играј лазарке во оваа куќа,

богата среќа да им донесеш,

да е полна со дечиња,

да се живи и здрави домаќините,

играј, играј лазарке,

поклон ќе ти дадат најубав,

заврти се лазарке!“

Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта.

Лазарова сабота е еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто секогаш се паѓа еден ден пред Цветници или точно една недела пред најголемиот празник Велигден. Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. За обичаите и верувањата на народот поврзани со Лазара и Цветници дознаваме од записите на собирачите на народни преданија и умотворби.

Евтим Спространов забележал дека во Охрид, Лазара се празнувала на Цветници, а во Струга во сабота. На Цветници пак се раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафина, кои се чувале пред иконата во домот.

Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век.

„Рано децата оделе по куќите со шарени стапчиња. Тој ден, а и на Цветници се собирале девојките по маалата дотерани како невести. Во Струга Лазара се славело три дена и тоа: петокот, кога се навестувал празникот, саботата – „Дај ми пара Лазаре“ и неделата – Цветници или „Вијур, вијур Гајдано.“

Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа.

Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата.

Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца.

Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.

Во Гевгелиско лазарките пееле во групи по четири девојки, тие што на Тодорица во црквата се заколнале дека заедно ќе учат лазарски песни и „ќе пеат Лазар“. Се собирале во една куќа и на тргнување ја запевале песната:

„Еј Лазаре, Лазаре, море младо војниче!

Чиј са вија дворуве, с бел босиљук митени,

с црвен стратор ринани?“

Низ цела Македонија одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот.

Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години/ од се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот.

На девојка за мажење и се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца.

Лазарките секаде биле пречекувани со задоволство. Не пееле само во куќите во коишто имало скоро умрен. Во таа смисла Миленко С. Филиповиќ забележал дека во Скопско „не се дозволува да играт лазарки, ни мајмун, ни мечка пред куќата во која некој умрел.“

Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата.

Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете Лазареви саботи, што значи деца до една година.

Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати и за тоа време пееле:

Имаш мајка, имаш татко, гајтане мој, гајтане мој,

од капата една пара, гајтане мој, гајтане мој.

Ем с’с мајка, ем с’с татко гајтане мој, гајтане мој.

Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

На Лазарева сабота како и на утрешниот празник Цветници обичај е да се носат гранчиња од врба. Инаку, празникот Цветници меѓу народот е познат уште и како Врбица, затоа што во храмовите се носат врбови гранки кои ги симболизираат палмините гранки, со кои христијаните го поздравиле доаѓањето на Спасителот во Ерусалим.

Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан Цвета и сите имиња што произлегуваат од билки: Лилјана, Калина, Роза, Виолета…

Според велигденските обичаи, една седмица пред Велигден која е последна од големиот пост има голема улога во црквата, бидејќи се благословуваат маслинови и палмини гранчиња за спомен на свеченото влегување на Исус во Ерусалим.