Може да се прави како пица, пита или како леб… Не знам зошто ова не го продаваат во пекарниците, премногу е добро, а толку лесно се приготвува. Доколку ви се најават гости, или потребно ви е некое вкусно предјадење, оваа лесна пита е вистинскиот избор.

Во рецептот се користи фил од чедар кашкавал и фета сирење, но вие по желба може да додадете и спанаќ, блитва, рендан морков, рендана шунка или нешто слично.

Овојпат рецептот го презентира Халиме од Турција, мајка на три деца, која е воодушевена од резултатот. Видеото можете да го погледнете подолу во текстот, а еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 100 мл топла вода, 100 мл топло млеко, 1 лажичка сув квасец (5 г), 1 полна лажица шеќер (20 г), 3 лажици масло, 1 јајце на собна температура, 1 лажичка сол (8 г), 360 г брашно.

ЗА ФИЛ: 300 г чедар кашкавал, 200 г фета сирење. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 жолчка + 1 лажичка масло, малку рендан кашкавал (една рака)

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад помешајте ги тополото млеко и водата (да бидат млаки, не врели), па додајте шеќер и квасец и промешајте додека состојките да се растворат. Потоа додајте го маслото и јајцето отстојано на собна температура.

Откако ќе ја изедначите смесата, започнете постепено да го додавате брашното со солта, и цело време мешајте со лажица/шпатула или пак со миксер кој има специјални продолжетоци за месење тесто.

Ова тесто е доста меко и лепливо, па затоа не се меси со рака.

Тестото покријте го со вакуумски капак или со стреч-проѕирна фолија, па оставете го на топло место додека да ферментира и да го удвои волуменот.

За тоа време пригответе го филот: изрендајте го кашкавалот (една рака тргнете настрана), а фета сирењето иситнете го со виљушка.

Измешајте ги кашкавалот со сирењето и лесно соберете ја содржината со дланките, да формирате топка. Не притискајте пресилно.

Стасаното тесто со помош на шпатула истресете го врз набрашнета површина, па со набрашнети прсти (или шпатула), лесно премесете го за да формирате топка.

Со помош на дланките развлечете го тестото во форма на диск, ставете ја „топката“ од кашкавал во средина, па опфатете ја со тестото од сите страни.

Малку сплескајте го, па тестото префрлете го врз парче хартија (малку наросете брашно) и со дланките развлечете го уште малку.

Завршете со оклагија за да добиете тенка кора со дебелина од приближно „два прсти“. Заедно со хартијата префрлете го тестото во плех, покријте го и оставете да одмори 15-20 минути, а потоа премачкајте го со разматена жолчка и одозгора наросете со малку кашкавал (една рака, што го тргнавте настрана).

Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 190 степени околу 40-тина минути или додека да добие убаво златнокафеава боја, во зависност од рерната. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.