Хормоните се хемиски “пренесувачи на пораки” кои влијаат врз начинот на кој вашите клетки и органи ќе функционираат. Секоја хормонална промена неминовно влијае врз нашите функции во организмот.

-Нормално е хормонските нивоа да се менуваат во текот на различни периоди од животот, како на пример пред и во текот на бременоста или во менопаузата. Исто така, некои лекови и здравствени проблеми може да влијаат врз зголемување или намалување на нивоата на хормоните – вели м-р.сци.мед.д-р Тијана Дангубиќ, ендокринолог.

НЕРЕДОВЕН ЦИКЛУС

Менструацијата кај повеќето жени доаѓа на секои 21 до 35 дена. Ако не дојде во исто време или прескокне некои месеци, значи дека имате премногу или премалку одредени хормони (естроген и прогестерон). Ако сте во своите четириесетти или рани педесетти, причина за ова може да биде и перименопаузата, односно периодот пред менопауза.

Меѓутоа, нередовните менструации може да бидат и симптом на здравствени проблеми како што е синдромот на полицистични јај-ници.Ако забележите вакви проблеми, јавете се вашиот гинеколог.

ПРОБЛЕМИ СО СПИЕЊЕ

Ако не спиете доволно или ако сонот не ви е квалитетен, можно е за ова да се виновни хормоните. Прогестерон е хормон кој го лачат јај-ниците, а токму тој помага да заспиете. Ако нивото на овој хормон е пониско од вообичаено, тогаш може да имате проблем со заспивање, но и со цврстото спиење.

Нискиот естроген може да предизвика врели бранови и ноќно потење, а поради обете појави тешко можете да уживате во одморот кој ви е многу потребен за да го регенерирате вашиот организам.

-И мелатонинот исто така, влијае врз сонот, а поради негов недостиг потешко ќе заспиете – вели д-р Тијана Дангубиќ, ендокринолог.

ХРОНИЧНИ АКНИ

Избивањето на акни е нормално пред или во текот на менструацијата. Но акни кои не можат да се исчистат, може да бидат симптом за проблеми со хормоните. Вишокот андрогени (“машки” хормони кои ги имаат и мажите и жените) може да ги наведе вашите лојни жлезди премногу да излачуваат лој, а тоа пак влијае врз клетките на кожата во вашите фоликули на влакната и околу нив. Последицата од ова е затнување на порите и појава на акни.

ПРОБЛЕМ СО МЕМОРИЈАТА

Експертите не се сигурни како точно влијаат хормоните врз мозокот. Она што го знаат е дека поради промените во естрогенот и прогестеронот може да имате “магловито” сеќавање и дека ќе ви биде потешко да запамтите некои работи. Некои експерти мислат дека естрогенот има влијание врз невротрансмитерите.

Проблемите со концентрацијата и памтењето се особено чести во текот на перименопаузата и менопаузата. Но, тие исто така може да бидат и симптоми на други состојби поврзани со хормоните, како што е болест на штитната жлезда.

ПРОБЛЕМИ СО СТОМАКОТ

Кога нивоата на естрогенот и прогестеронот варираат, можете да забележите и разлика во начинот на кој ја дигестирате храната. Затоа дијареата, болката во стомакот, подуеноста и мачнината може да се појават или да се влошат пред и во текот на менструацијата. Доколку имате проблеми со варењето како и проблеми како што се акни и умор, веројатно ви опаднало нивото на хормоните.

ПОСТОЈАН УМОР

Дали постојано сте уморни? Уморот е еден од најчестите симптоми од хормонски дисбаланс. Вишокот прогестерон може да ве направи поспани. А доколку вашата штитна жлезда произведува премалку тироиден хормон, тоа може да ја исцрпи вашата енергија. Едноставен лабораториски тест на кр-вта може да ви покаже дали имате ниско ниво на тироидниот хормон.

-Ниското ниво на кортизол исто така, доведува до умор, па потребно е да се проверат и неговите вредности – вели д-р Дангубиќ за е-клиника.

ПРОМЕНИ ВО РАСПОЛОЖЕНИЕТО И ДЕПРЕСИЈА

Истражувачите веруваат дека падот на хормоните или брзата промена на нивоата на хормоните би можеле да предизвикаат промени во расположението или лошо расположение. Естрогенот влијае врз клучните супстанции во мозокот како што се серотонин, допамин и норадреналин. Но и другите хормони кои се движат по истата траса како невротрансмитери, исто така играат улога во нашето расположение.

ГЛАВОБОЛКА

Многу нешта можат да предизвикаат главоболка. Кај некои жени тоа е пад на естрогенот. Поради тоа е вообичаено да ве измачува главоболка пред или во текот на менструацијата, кога естрогенот паѓа. Редовните главоболки или главоболки кои се случуваат во исто време секој мосец, би можеле да укажуваат на тоа дека нивото на овој хормон се подига.

АПЕТИТ И ДЕБЕЛЕЕЊЕ

Кога се чувствувате тажно или изнервирано, што е многу веројатно кога ќе ви падне нивото на естрогенот, посакувата повеќе да јадете. На тој начин, падот на естрогенот е поврзан со вашите вишок килограми. Падот на естроген може да влијае и врз нивото на лептин, хормон кој помага во регулација на внесот на храната во вашето тело.