Многу вкусна брза погача со праз, одлична за појадок или вечера со јогурт или кисело млеко. За мерење се користи чаша од 350 мл.

Потребни состојки: 1 страк праз, 4 јајца, 1 чаша (од 350 мл) бело брашно, ½ чаша пченкарно брашно или палента, ½ чаша кисело млеко, ½ чаша масло, ½ чаша газирана вода, 1 прашок за печиво, 250 г сирење и 1 лажиче сол или по вкус

Постапка: Празот убаво измијте го со млака вода, па исечете го и ситно исечкајте го, па оставете го на страна додека го приготвувате тестото.

Во подлабок сад изматете ги јајцата пенасто со миксер, па додадете половина чаша масло за јадење, половина чаша газирана вода, половина чаша кисело млеко и 1 лажиче сол.

Откако убаво ќе ги изматите течните состојки со миксер, додадете една чаша бело брашно, половина чаша пченкарно брашно и прашокот за печиво. Изматете убаво со миксер додека да се изедначат состојките.

Во приготвената смеса додадете го исечканиот праз (не треба да се пржи претходно) и ситно издробеното сирење. Промешајте.

Смесата излејте ја во намастен плех од рерна и рамномерно распоредете. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 210 степени, 25 минути. Проверете со чепкалка за заби дали е печена.

Сечете ја на парчиња и послужете ја. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.