Класификација на HPV

Хуман Папилома Вирусите припаѓаат на фамилијата Papillomaviridae. До денес се откриени повеќе од 100 типови на HPV. Од нив повеќе од 40 типови се асоцирани со аногениталниот регион.

Во зависност од способноста за индукција на малигна трансформација се поделени на ниско-ризични и високо-ризични типови.

Групата на ниско-ризични типови на HPV, како што се 6, 11, 40, 42, 43, 44, 54, 55, 61, 70, 72, 81, MM8, CP6108 и други, се типови кои најчесто се асоцирани со појава на кондиломи, односно генитални брадавички.

Групата на високо-ризични типови на HPV, како што се 16, 18, 26, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 53, 56, 58, 59, 66, 68, 73, 82, MM4, MM7, MM9 и други се асоцирани со прогресија на цервикалните лезии и можност за создавање на цервикален карцином.

Структура на HPV

Тоа се мали двоверижни DNA вируси со геном од околу 8000 базни парови, сместен во икозоедарски капсид, изграден од два структурни протеини кои формираат 72 капсомери. Геномот е организиран во три региони и тоа ран регион (анг. Early region-E), касен регион (анг. Late region-L) и горен регулаторен регион (анг. Upstream regulatory region-URR).

URR е регионот кој е одговорен за вирусната репликација и воедно ја регулира транскрипцијата на некои секвенци од Е регионот.

На Е регионот се идентифицирани 7 гени кои кодираат истоимени протеини: Е1, Е2, Е3, Е4, Е5, Е6 и Е7. Она што всушност е главната алка во поврзаноста на HPV вирусот со појава на лезии е резултат на експресијата на Е6 и Е7 гените и продукцијата на истоимените протеини (онкопротеини). Овие онкопротеини се поврзуваат со тумор супресорските протеини p53 и pRb (кои се одговорни за нормалниот животен циклус на клетките), оневозможувајќи ја нивната нормална функција. При вакви услови репараторните механизми на клетката се оневозможени да ја обавуваат својата функција, оневозможено е отстранувањето на настанатите мутации и водењето на клетката во програмирана клеточна смрт, позната како апоптоза.

L регионот кодира вирусни структурни протеини.

Животен циклус на HPV и равиток на лезии на цервиксот

1. Почетна фаза во животниот циклус се смета дека е навлегувањето на вирусот во клетките. HPV партикулите преку микротрауми навлегуваат и ги инфицираат клетките од базалните слоеви на епителот.

2. Латентната фаза е варијабилен период кој во просек трае од 1 до 8 месеци и уште се нарекува фаза на инкубација.

3. Фазата на продуктивна вирусна инфекција започнува од моментот кога вирусната DNA почнува да се реплицира независно од делбата на клетката домаќин. Притоа индуцира пролиферација на клетката домаќин и резултира со лезии. Оваа фаза обично трае 3 до 6 месеци пред имуниот систем да ја започне својата активност.

По периодот на инкубација и појавата на првата лезија, во периодот од 8 до 12 недела како резултат на имуниот одговор на организмот, лезијата се враќа регресивно назад, за некаде по 16 недела инфицираната област да изгледа како неинфицирана (нормална). Инфицираните лица кои имаат имуни дефекти се подложни на ширење на инфекцијата и појава на лезија отпорна на третман.

Детектирањето на присуство на вирусна DNA во клетки од цервиксот, кога нема присуство на очигледна болест (лезија), се објаснува со присуството на вирусот во латентна состојба. По регресијата на инфекцијата која настанува како резултат на имуниот одговор, DNA од папилома вирусот се смета дека останува во базалните клетки на епителот и може да се реактивира кога имунитетот на афектираната индивидуа ќе опадне.

Во отсуство на регресија, лезијата може да перзистира и во одредени случаи да прогредира во канцер. Кај жените чија инфекција не е успешно исчистена, лезиите може да прогресираат преку CIN I (цервикална интраепителијална неоплазија од прв степен), до CIN II, CIN III и канцер.

Методи за детекција и типизација на HPV

Методите за детекција на HPV генерално се поделени во две групи:

Индиректни или морфолошки – кои се базираат на морфохистопатолошката анализа на клетки од цервиксот.

Директни или молекуларни – со кои се утврдува присуството на вирусна DNA во материјалот кој се анализира. Во овие методи спаѓаат:

– Методите на хибридизација (in situ, dot blot, Soutern blotting);

– Hybrid capture;

– PCR (полимеразно верижна реакција).

За генотипизација на HPV најчесто се користат: PCR во комбинација со RFLP (restriction fragment length polymorphism), дот блот хибридизацијата, како и директното секвенционирање на продуктите од амплификацијата на сегменти од вирусната DNA со PCR.

Дистрибуција на HPV кај женската популација во Македонија

Од досега направените студии за дистрибуцијата на HPV инфекцијата кај женската популација во Македонија, може да се издвојат следниве заклучоци: Процентуалната застапеност на HPV инфекцијата кај женската популација во Македонија е нешто поголема од 41%, што поедноставено би значело дека на секои 100, 41 женска индивидуа е инфицирана со HPV. Најафектирана е групата на женски индивидуи на возраст под 19 години, како и женските индивидуи на возраст од 20 до 30 години.

Процентот на HPV инфекцијата се намалува со зголемувањето на возраста, односно кај групите од 30 па до 50 години инфекцијата со HPV е процентуално помала. Се забележува дека кај популацијата на индивидуи над 50 години процентот на HPV инфекција е драстично помал.

Најфрекфентни ниско-ризични HPV типови се: 11, ММ8, 6 па останатите. Најфрекфентни високо-ризични HPV типови се: 16, 53, 31, 18 па останатите. Ваквата фрекфентност, како и процентуалната застапеност на инфекцијата со различни HPV типови, е временски менлива и различна кај различните групи на афектирани индивидуи.

Според извештајот на WHO/ICO од 2010 година, во Македонија цервикалниот канцер кај женската популација на возраст од 15 до 45 години, според честотата на појавување се позиционира на второто место. Македонија има женска популација поголема од 800 000 индивидуи постари од 15 години, кои се под ризик за развој на цервикален канцер. Секоја година кај 297 жени се дијагностицира цервикален канцер од кои 147 умираат од ова заболување.

Заклучок

Инфекцијата со HPV не значи дека кај индивидуата со сигурност ќе се развие цервикален канцер, туку дека се зголемува ризикот за појава на истиот. Инфекцијата регресира како резултат на имуниот одговор на организмот, при што епителот ќе се врати во нормална состојба. Доколку тоа не е случај, при редовните гинеколошки прегледи, со раното откривање на инфекцијата и третманот на истата не се дозволува понатамошен прогрес.

Најверојатно фрекфенцијата на појавување на инфекција со HPV, појавата на лезии кај помладата популација и можноста за прогресија во некој од понатамошните стадиуми, се должи на недоволната информираност и преголемата табуизираност на сексуалноста. Од овие причини младите девојки ретко знаат да посетат гинеколог за да, доколку има некаква инфекција, биде навремено детектирана и отстранета.

За крај

Во овој текст моделот на HPV како и начинот на развивање на инфекцијата и прогресот на лезиите, се претставени на многу упростен начин, се со цел да се помогне на личноста која се интересира да ги разбере истите. Развојот на инфекцијата и животниот циклус на HPV, се доста комплексни процеси кои кај различните типови на HPV имаат варијации во механизмите по кои се одвива нивниот животен циклус.

Бранко Калковалиев, магистрант по молекуларна биологија

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-