Ролатот од зелка со мелено месо е совршена алтернатива на класичната сарма од зелка. Лесно и брзо се подготвува и не ви одзема многу време како виткањето на секој лист поединечно. Единствено се разликува во изгледот и начинот на сервирање.
Ако имате зелка, а уште подобро – кисела зелка, тогаш пригответе го ова јадење и импресионирајте ги вашите најмили. Во овој рецепт ќе ви објасниме како да ги извадите листовите од пресна зелка, а доколку имате веќе „стасана“ кисела зелка, послужете се со неа и прескокнете го првиот чекор објаснет во рецептот.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 мала главица зелка, 400 г мелено месо, 1 главица кромид, 100 г измиен и малку подварен ориз, лажичка црвен пипер, малку црн пипер, сол и сув зеленчуков зачин по вкус, 2 лажици масло и 2 лажици доматен сос.
Филот со меленото месо може да го приготвите и според ваш рецепт и вкус.
ПОСТАПКА: Најпрво е потребно да се подготви зелката, односно листовите од кои ќе се приготви ролатот. Измијте ја и отстранете ги надворешните листови, како и евентуални нечистотии. Издлабете ја и отстранете го средишниот тврд дел (кочанот).
Вака подготвената зелка ставете ја во зовриена вода. Во вдлабнатината може да додадете сол и малку лимонтус или оцет. После неколку минути (5-10) ќе забележите дека надворешните листови можат лесно да се отстранат од главицата.
Вадете ги омекнатите листови и редете ги да се исцедат. Во посебен сад пригответе ги филот. Ставете мелено месо, па додајте го кромидот ситно исчекна, но уште подобро ако е сомелен. Кој сака, по вкус може да додаде и 1-3 чешниња лукче.
Оризот исперете го во неколку води додека да се избистри, а потоа ставете го да вари неколку минути колку да набубри и да омекне. Потребно е да биде мек, но да не е преварен, бидејќи дополнително ќе се готви заедно со месото и зелката.
Додајте ги сите потребни зачини, посолете и запиперете, па замесете ја смесата со рака или со лажица додека да се изедначат сите состојки и да им се измешаат вкусовите.
Врз даска за сечење растегнете проѕирна фолија (или хартија за печење), па врз неа наредете ги омекнатите листови од зелка, така да формирате дебела кора. Листовите редете ги еден врз друг надоврзувајќи ги во два-три слоја или колку што сметате дека е потребно.
Врз листовите наредете го филот, па внимателно, со помош на фолијата започнете да го виткате ролатот. Внимавајте да биде компактен.
Добиената „голема сарма-ролат“ префрлете ја плех, во кој претходно сте ставиле алуминиумска фолија. Одозгора премачкјате го со масло и доматен сос.
Свиткајте го ролатот во фолијата и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 50 минути.
Потоа отворете ја фолијата, премачкјате уште еднаш со доматен сос и вратете да се потпече уште неколку минути.
За да нема контакт со фолијата, под неа можете да ставите хартија за печење. Рецепт на Milujeme Hudbu Nahlas ОВДЕ.