Фото и рецепт: Мариола Пантелиќ
Голем број домаќинки не се осмелуваат да испечат погача, бидејќи се грижат дали ќе излезе доволно добра, па затоа поскоро се одлучуваат да купат готова. Но, нема ништо повкусно од домашно испечена погача, а за нејзиното приготвување треба да се запазат неколку правила.
За да се добие вкусна погача, може да примените еден трик – брашното се става во сад за печење и за загрева околу 10-тина минути на 50 степени во рерна. Задолжително треба да се просее брашното, ако сакате погачата да биде мека како памук.
Во брашното се додаваат сол и квасец. Може да ја направите и без квасец, но тогаш нема да порасне доволно и ќе остане плосната.
Ако сакате ваков вид на погача, тогаш не користите квасец ниту прашок за печиво. Најелементарното тесто за погача се прави со топла вода. Се додава толку вода колку да се добие еластично тесто кое не се лепи на раце.
Месење
За да се испече погачата рамномерно, треба да биде добро измесена. Месете го тестото подолго, а ако сте користеле квасец, оставете го околу 1,5 час да стасува. За да биде еластично, истегнете го, превртете го и повторете ја постапката десеттина пати.
Дури тогаш ќе стане доволно еластично, па може да се остави да одмори на топло место да расте. Удрете го тестото во средина со тупаница за да го исфрлите вишокот воздух, па потоа формирајте ја погачата.
Печење
За да се испече добро погачата, печете ја во претходно загреана рерна на 230 степени. Погачата се пече околу 40 минути. Ако забележите дека одозгора подгорува, тогаш прекријте ја со фолија за да може рамномерно да се испече.
Можете да дознаете дали погачата е добро испечена ако ја прободете со тенка игла за плетење или чепкалка за заби. Ако на неа не се залепило тесто, тогаш погачата е готова. Можете тоа да го видите и ако ја извадите погачата од садот за печење и ја потчукнете во долната кора.
Ако е готова треба да се слушне шуплив звук. Потоа можете повторно да ја вратите погачата во рерна на неколку минути, превртена, за да се испече добро и долниот дел да стане крцкав.
За да биде добро испечена погачата не смеете да ја отворате рерната првите 20 минути. Ако саката да има кора, веднаш после вадењето од рерна прекријте ја со влажна крпа.