Фото и рецепт: Миња Б.

Кога ќе ви остане вишок белки, а не знаете што да правите со нив, сетете се на овој колач – Верзија 1. Подолу под овој рецепт, имате верзија 2.

Потребни состојки:

6 белки
6 лажици шеќер
12 лажици мелени ореви
2 лажици брашно
1 лажица какао
1 лажичка прашок за печиво

За фил:

3 пудинг од ванила
1 литар млеко
10 лажици шеќер
4 ванилин шеќер
1 маргарин/путер од 200-250 г

И уште:

12 чоколадни бананчиња
малку црно чоколадо за украсување

Постапка:

Изматете ги белките во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој да се растопи. Потоа, со лажица додадете ги мелените ореви, брашното, какаото и прашокот за печиво. Лесно мешајте со превртување, за да остане смесата воздушеста.

Плехот од рерна обложете го со хартија, па во него рамномерно распоредете ја смесата од белки. Израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 12 минути или зависно од вашата рерна. Изладената кора пресечете ја на три еднакви делови.

Од вкупното млеко одвојте една чаша за да го разматите пудингот. Внимавајте да не останат грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган да се загрее заедно со шеќерот и ванилата. Кога ќе зоврие намалете го огнот и постепено додадете го пудингот со постојано мешање додека да згусне. Потоа сварениот пудинг тргнете го на страна, а кога целосно ќе се олади во него додадете изматен путер.

Врз првата кора нанесете третина од кремот и наредете 6 крем бананчиња. Ставете ја втортата кора и повторно филувајте со кремот. Наредете ги преостанатите 6 крем бананчиња. Ставете ја третата кора и целата торта премачкајте ја со остатокот од кремот. Украсете по желба.

РЕЦЕПТ 2

Потребни состојки:

6 белки
6 лажици шеќер
12 лажици мелени лешници
2 лажици брашно
1 лажица какао
1 прашок за печиво (или половина)

за фил:

2 пудинг од ванила
6 жолчки
800 мл млеко
10 лажици шеќер
4 ванилин шеќер
200 г путер/маргарин
200 мл слатка павлака за шлаг

И уште:

12 чоколадни бананчиња
100 г чоколадо за готвење
2 лажици путер

Постапка:

Белките изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој се растопи. Потоа со лажица додадете ги мелените лешници, брашното, какаото и прашокот за печиво. Полека промешајте.

Во правоаголен плех од рерна, обложен со хартија за печење, нанесете ја рамномерно смесата од белки. Печете во загреана рерна на 200 степени додека малку да зарумени.

Печената кора оставете ја да се очади, а потоа надолжно пресечете ја на три кори.

За фил: Во тенџере ставете 600 мл млеко, додадете шеќер и ванилин шеќер, па варете додека да зоврие. Посебно изматете го преостанатото млеко со жолчките и пудингот од ванила. Постепено додавајте го во топлото млеко и сварете го на умерен оган со постојано мешање додека да се згусне.

Оставете да се олади целосно, па додадете го омекнатиот путер на собна температура и измиксајте ги заедно за да се соединат. На крај додадете го изматениот шлаг од слатка павлака и промешајте со лажица.

Финална постапка:

Првата кора премачкајте ја со половина со филот и наредете 6 крем бананчиња. Прекријте со втора кора, премачкајте со преостанатиот фил и распоредете 6 крембананчиња. Завршете со трета кора и одозгора прелијте со глазура од чоколадо.