Фото и рецепт: Снежана Јанкуловска
Потребни состојки: 2 јајца, 400-500 мл млако млеко или по потреба, 10 г сув квасец, 1 лажиче шеќер, 1 лажиче сол, 800 г – 1 кг брашно, 50-70 мл масло, 250 г маргарин/путер за премачкување.
За фил: сирење или нешто по ваша желба.
За премачкување: 1 јајце и сусам
Постапка: квасецот се активира во млако млеко со малку шеќер и брашно, па се додава заедно со останатите состојки во брашното. Со постепено додавање на млако млеко се замесува мазно тесто.
Тестото се дели на три дела, се премачкуваат со масло за да не се сушат и се оставаат 10 минути.
Секој дел со оклагија се развлекува во кора со дебелина од 5 мм, па со третина од маргаринот се премачкува.
Вака премачканата кора се витка како ролат и се остава во обичен фрижидер да излади и да се стегне најмалку 20 – 30 минути.
Секоја кора се развлекува со оклагија (со големина на тепсијата) и се редат една врз друга. Помеѓу корите се става дробено сирење или фил по избор.
Се сечат ленти, се виткаат како спирали и се редат во намастен плех обложен со хартија. Се оставаат малку да стасаат, па се премачкуваат со јајце и се наросуваат со сусам.
Се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 30 минути (јас пред крајот ставам и хартија за печење одозгора за да не изгори).
Ако ја правите со праз или друг влажен фил, печената пита оставете ја малку да подизлади, па превртете ја врз чиста крпа или на хартија за да не се создава влага на дното од плехот.
Фото и рецепт: Снежана Јанкуловска