Традиционално македонско тавче гравче по рецептот на мојот дедо
Тавче гравче е едно од најпознатите јадења од македонската кујна, симбол на традиција и топлина на семејните трпези.
Овој рецепт, наследен од мојот дедо, носи автентичен вкус кој потсетува на детството и македонските корени.
Подготвено со многу љубов, ова јадење е совршена комбинација од едноставни состојки и богат вкус, идеално за пост и за мрсни пригоди, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
– 500 г грав
– 3 црвени пиперки
– 1 лута пиперка (по желба)
– 2 поголеми главици кромид
– 4-5 чешниња лук
– 1 врзоп магдонос
– 4 супени лажици масло
– 1 средна лажица сол
– 1 средна лажица сув зеленчуков зачин (вегета)
– 1 мала лажица мелен црн пипер
– 1 средна лажица мелен црвен пипер
– 1 мала лажица буковска лута пиперка (по желба)
– 1 мала лажица ноктец (по желба)
– 100 г тенко сечена сланина (по желба, за мрсна верзија)
– НМД
Постапка:
1. Гравот исчистете го, измијте го и потопете го во топла вода неколку часа. Доколку немате време, ставете го да зоврие еднаш, па исцедете ја водата.
2. Во тенџере ставете го гравот, додајте ги целите црвени пиперки и лутата пиперка (по желба). Прелијте со вода речиси да ги покрие пиперките и варете на силен оган околу 45-50 минути, додека гравот делумно омекне.
За време на варењето, проверете ги пиперките и свртете ги за рамномерно да се варат.
3. Во меѓувреме, ситно исечкајте ги кромидот и магдоносот. Лукот исечкајте го на тенки листови или ситно, по ваш вкус.
4. Во тава загрејте 4 супени лажици масло на средна температура. Додајте го кромидот и динстајте го додека благо порумени.
5. Кога пиперките ќе омекнат, извадете ги од тенџерето, излупете ги и ситно исечкајте ги. Додајте ги во тавата со кромидот и продолжете со динстање.
6. Во тавата додајте сол, вегета, мелен црн пипер, мелен црвен пипер, буковска лута пиперка и ноктец (по желба).
Промешајте добро, додајте го сечениот лук и малку вода од варењето на гравот за да остане сочно. Динстајте уште неколку минути, внимавајте да не загори.


7. По 45-50 минути варење, исцедете ја вишокот вода од гравот, оставајќи малку течност за да не биде премногу сув.
Додајте го динстаниот зеленчук во тенџерето со гравот. Промешајте и оставете да крчка на средна температура додека смесата почне лесно да врие.
8. Префрлете го гравот во тепсија или огноотпорен сад. По желба, одозгора наредете тенко сечена сланина (за мрсна верзија). Печете во загреана рерна на 200°C околу 20-25 минути, додека одозгора да добие убава златно-кафеава кора.
9. Извадете го тавче гравчето од рерна, оставете го кратко да се излади и послужете го топло.
Ова тавче гравче е вистинско уживање за сите сетила, со богат вкус и арома што ќе ве врати во топлината на македонските семејни традиции. Добар апетит! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:
https://www.youtube.com/watch?v=yU9iZxcXSlc




































