Мокрино е село во Општина Ново Село, источно од градот Струмица. Се наоѓа во подножјето на планината Беласица, на надморска височина од 370 метри и до него се доаѓа по солиден асфалтен пат.

Селото е познато по Мокринските извори, кои имаат издашност од 40 литри вода во секунда. Старото име на Мокрино не е познато.

До ден денешен се пренесува легендата дека селото името го добило по своето мокро поле и мочурливите места во својот атар, па така кога луѓето се доселиле на тоа место, започнале местото, а подоцна и селото да го викаат Мокрино.

Интересно е да се спомене дека во повеќе средновековни документи се споменуваат денешните имиња на повеќе струмички села, меѓу кои и на Мокрино, коe се споменува како посед на некој си Рудл кој живеел во Струмица.

Познато е дека Мокрино и неколку други села, уште пред Турското завладување биле дадени за посед на Хиландарскиот манастир.

Ваквиот статус го задржале се до битката кај Ровин во 1394 година, кога господари станале Турците. Важно е да се одбележи дека меѓу сите села, само во Мокрино не се населиле турски колонисти, односно селото за цело време во турско ропство останало христијанско и највероjатно ги обавувало сите христијански обреди и обичаи во црквата св. Константин и Елена.

Селото Мокрино денес има околу 700 жители. Во селото е развиено земјоделството, а најмногу се одгледуваат градинарски култури. Во последно време, замав зема и туризмот.

Така, на само 10 km од селото и познатите Мокрински извори, има неколку објекти за одмор и рекреација. Најпозната е вилата и ресторанот Панорама кои се наоѓаат помеѓу Смоларскиот и Колешинскиот водопад. Покрај вилата поминува планинска река.

Мокринските извори се наоѓаат во близина на селото во густа шума, на 330 m надморска височина.

На изворите секоја година на 2 Август се собираат жителите на Мокрино и сите околни села. Доаѓаат луѓе од цела Македонија. Се дава курбан, во чест на водата. Обичајот на давање курбан е многу стар и не се знае од кога датира.

Според преданието, „адетот никогаш не бил прекинат освен еднаш, најверојатно се намало пари. Само неколку дена потоа, водата престанала да извира.

Следната година на истиот ден Илинден, мештаните пак се собрале и го направиле обичајот. Два дена подоцна, како божјата рака да ја одвртила славината и вода од изворот повторно потекла.

Оттогаш наваму ниту една година не е пресконат датумот“.
Мошне е интересна поврзаноста на изворите со дрвјата – столетните стебла на чинарите (јавори) од чии корења извира вода. Од корењата на трите јавори, истекуваат 40 литри вода во секунда.

Температурата на водата е секогаш иста, без оглед каква е температурата на воздухот. Затоа, потокот што истекува од изворот никогаш не замрзнал. Ова се должи веројатно на големата длабочина на изворот и силината на водата. Поради количеството и силината на овие води, на времето околу нив имало многу воденици.

Поради убавината на изворите и на севкупната природа во овој дел, со залагање на општина Ново Село извршено е туристичко уредување на локалитетот. Со тоа, значително е зголемен бројот на посетители, а целата општина стана препознатлива по туристичките атракции во подножјето на Беласица.

Филип Василевски
Igeografija.mk