Многу вкусно јадење, а покрај тоа и здраво, па често го приготвуваме дома. Едноставно е и брзо, па може да замени целосен оброк. Особено ако децата дома не ви ја сакаат брокулата, ова е извонреден начин да ја вметнете во вашето мени. Наместо брокула, може да употребите и некој друг зеленчук.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брокула (убаво зелена, да нема жолти цветчиња), 1 чајна лажичка сол (8 г), 1 супена лажица млеко, 1 црвена пиперка, 3 долги зелени пиперки, 1 главица кромид, 3 лажици маслиново масло (15 мл)




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРЕЛИВОТ: 3 јајца, 2 чаши млеко (400 мл), 5 лажици маслиново масло (30 мл), 4 лажици сенаменско брашно (135 г), 1 чајна лажичка сол (8 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 лажица ситно сечкан копар/мирудија или магдонос. И уште: 100 г рендан кашкавал за наросување одозгора.




ПОСТАПКА: Брокулата исчистете ја, измијте ја, а потоа иситнете ја на помали цветчиња, а дебелите гранчиња отстранете ги. Во едно тенџере ставете вода да зоврие, па во неа додајте полна лажичка сол и една супена лажица млеко.




Во зовриената вода спуштете ги цветчињата брокула и оставете ги да се готват 7-8 минути на умерена до ниска температура. Повремено подбутнувајте ги со лажицата надолу во водата, бидејќи се полесни и испливуваат на површината.




Ова е доволно време за да омекнат, а да не ги изгубат своите хранливи материи. Проверете со виљушката, па доколку слободну влегува во брокулата, значи дека се доволно омекнати. Извадете ги со решеткаста лажица во посебен сад.




Потоа измијте го зеленчукот и исчистете го. Црвената пиперка исечкајте ја на тенки лентички, зелените долги пиперки исечкајте ги на кругови, а средно голема главица кромид исечкајте ја на полумесечинки.




Иситнетиот зеленчук ставете го во тава, прелијте го со 15 мл маслиново масло и гответе го неколку минути со постојано промешување, сè додека да омекне. Подгответе го огноотпорниот сад (со средна величина) во кој ќе се готви јадењето: намастете го со масло за готвење.




Во садот/плехот истурете ја претходно сварената брокула и додајте го омекнатиот зеленчук. Промешајте и распоредете рамномерно.




Пригответе го преливот: во блендер (или во подлабок сад) ставете три јајца, додајте 400 мл млеко (2 чаши), 30 мл маслиново масло, 135 г сенаменско брашно, 1 лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво и една рака свежо сечкан копар или магдонос.




Добро промешајте и изедначете ја смесата додека да стане хомогена без грутчиња. Со овој прелив залијте го рамномерно зеленчукот. Одозгора наросете 100 г рендана кашкавал и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.