Многу едноставен и вкусен рецепт за крцкави, тенки лепчиња, на италијански начин. Во Италија се наречени „Свекрвин јазик“, па во зависност од табиетот и „јазикот“ на свекрвата, соодветно се зачинуваат – од лут пипер, до кафеав шеќер..Но, каков зачин и да ставите одозгора, крцкавите лепчиња излегуваат превкусни.

Свекрвин јазик – НМД.мк




За да го замесите тестото потребни ви се основни работи кои ги имате во кујната, а тоа се брашно, малку квасец и вода, но она што ги прави „свекрвините јазици“ посебни, се изборот на зачини кои се наросуваат одозгора пред нивното печење.

Пробајте разни варијанти, правете ги потенки или малку подебелки, но, како што наговестува овој италијански рецепт – зачинете ги според наравот на свекрвата и уживајте во вкусот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г брашно, 180 мл вода, половина лажичка сув квасец или малку повеќе, половина лажичка сол, 3-4 супени лажици маслиново масло, рузмарин по вкус (по можност свеж, но може и сув), морска сол (малку покрупна за наросување) по вкус




ПОСТАПКА: Подготвувањето е многу едноставно, а потребните состојки веројатно ги имате, единствено што треба да се потрудите, е да набавите квалитетно маслиново масло за да биде вистински италијански рецепт. Доколку не ви се наоѓа при рака маслиново масло, може да се послужите со обично масло за готвење или растопен путер.




Во еден подлабок сад ставете го брашното и промешајте го со малку сол и сув квасец. Користете нешто помалку од половина кесичка сув квасец или нешто повеќе од половина лажичка, приближно 3-4 грама. Потоа започнете постепено да ја додавате водата.




Не ја ставајте одеднаш целата количина на вода, туку малку по малку, за да оцените колку точно ќе ви биде потребно. мешајте со лажица или шпатула, а кога ќе се впие течноста и ќе се формира тестото, месете го со рака.

Свекрвин јазик – НМД.мк




Месете го тестото приближно 5 минути, а потоа додајте 1-2 супени лажици маслиново масло (или овично или растопен путер), па месете го уште неколку минути. Тестото иако е релативно мало, сепак треба да се меси приближно 8-10 минути (вкупно времетраење) за да биде еластично.




Обликуваното тесто вратете го во садот, покријте го со кеса и крпа и оставете го да ферментира два часа на собна температура. Потоа лесно премесете го и поделете го на 10 приближно еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче и покријте го под фолија, да одмори 10 минути.




Додека одмораат топчињата тесто, во помал подлабок сад подгответе ги зачините со кои ќе ги наросувате „јазиците“. Ставете крупна сол, ситно сечкан рузмарин (свеж или сув) и 2 супени лажици маслиново масло. Промешајте за добро да се натопат состојките во маслото.




Свекрвин јазик – НМД.мк

По изминатото време секое топче тесто развлечете го со помош на оклагија во долгнавеста, елипсовидна коричка, со форма на „јазик“. Вака приготвените јазици наредете ги во плех обложен со хартија за печење или малку намастен и наросен со брашно.




Одозгора премачкајте ги со приготвената смеса. Ова е основната смеса, но секако, може да ги зачинувате по сопствен вкус. Ако свекрвата има „остар и лут јазик“, тогаш наросете лута зачинска пиперка или црн пипер, а доколку има „нежен и сладок јазик“, наросете шеќер со ванила и цимет. Печете ги во загреана рерна на 180/200 степени 20-тина минути или прилагодете го печењето според вашата рерна.

Свекрвин јазик – НМД.мк