Со овој колач никогаш не можете да погрешите. Можете да го приготвувате како торта во тркалезен калап, но може и во правоаголен плех со обрач, па да го сечете на шнити-парчиња. Како и да го направите ќе излезе одличен. Премногу е вкусен и никој досега не се воздржал да побара уште едно парче…

…Зошто не можете да застанете на само едно, толку е неодолив. Не е дека сега ќе ви откријам “топла вода” со овој рецепт, постојат неколку слични одлични рецепти за Монте колач, но од нив нешто додадов и одзедов, па најпосле добив совршен колач по мој вкус, но и по вкус на сите што го пробаа- Јакица.

Потребни состојки за бисквит: 3 јајца, 5 лажици шеќер, 3 лажици топла вода, 3 лажици брашно, 3 лажици какао, 1/2 кесичка прашок за печиво. За прелив на кората: 50 мл млеко и 2 полни лажици несквик или нескафе.

Потребни состојки за бел крем: 600 мл млеко, 5 лажици шеќер, 6 лажици густин, 2 кесички ванилин шеќер, 20 г бело чоколадо, 150 г маргарин. За чоколаден крем: 200 г темно квалитетно чоколадо за готвење (“кувертуре”), 100 г млечно чоколадо и 500 мл слатка павлака.

Постапка за приготвување на кората: Во длабок сад скршете три јајца кои претходно отстојале на собна температура, па пенасто изматете ги со помош на електричен миксер. Кога ќе запенат започнете постепено да го додавате шеќерот и матете доволно долго додека тој да се растопи.

Кога смесата ќе побели и згусне, додадете три лажици топла вода па уште малку продолжете со матењето. Во посебен сад просејте ги сувите состојки: 3 лажици брашно, 3 лажици какао во прав и половина кесичка прашок за печиво. промешајте за да се изедначат.

Мешавината од суви состојки додадете ја во изматените јајца со шеќер, па продолжете со матење на најниска брзина со миксерот додека убаво да се соединат сите состојки и да добиете изедначена, хомогена смеса. калап со димензии 20х30 см намастете го и набрашнете го.

Калапот можете и да го обложите со хартија, на претходно малку намастено дно. Тестото за колачот рамномерно излејте го во приготвениот калап, распоредете го и израмнете ја површината. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

Кога е готов бисквитот (проверете со чепкалка), извадете го од рерна и прелијте го со топлиот прелив за да биде кората сочна. За прелив: Во врело млеко додадете го несквикот/краш експрес/чоколадо во прав/ или нескафе по вкус и желба и само промешајте за да се растопи.

Подготовка на бел крем: од 600 мл млеко одвојте неколку лажици за да можете да го разматите густинот, а преостанатото млеко ставете го тенџере на рингла да се загрева на умерена температура. Додадете го и шеќерот и промешајте за да се растопи.

Кога млекото ќе почне да зоврива, додадете го разматениот густин и мешајте постојано, неколку минути додека смесата да се згусне. Внимавајте да не ви загори. Во топлиот крем додадете го чоколадото искршено на коцки и уште малку мешајте додека тоа да се растопи.

Количината на чоколадото може да биде и по ваш вкус, а исто така и ванилиниот шеќер. Кога кремот убаво ќе го измешате, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да се лади. Кога целосно ќе биде изладен, соединете го со путерот претходно омекнат на собна температура.

Матете со миксер додека путерот целосно се инкорпорира во смесата и да добиете фина, нежна и кремаста структура. За темниот крем: во тенџере ставете ја слатката павлака, па загревајте ја на тивок оган. Внимавајте, не смее да проврие, бидејќи ќе го промени вкусот.

Пред зовривање тргнете го тенџерето од рингла, па во топлата слатка павлака додадете ги двата вида чоколадо искршени на коцки, почекајте една минута за да се растопат од топлината, па потоа добро промешајте додека да добиете убава чоколадна смеса.

Ако сакате овој крем да ви биде посладок, во топлата смеса додадете уште лажица-две шеќер и промешајте да се растопи (јас не ставам). Овој крем потребно е да го оставите да се олади најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер, најмалку два часа.

Чоколадниот крем можете да го оставите каков што е и само да го премачкате, или да го изматите со миксер и да добиете еден вид на крем, па да го ставите во слаткарски шприц и со него да ја завршите декорацијата.

Изладениот бисквит (претходно натопен со преливот), преку целата површина рамноменро премачкајте го со целосно изладениот бел крем. Добро измазнете ја површината. Потоа премачкајте со чоколадниот крем и направете декорација по сопствен избор. / coolinarika.com