На 19 август православните христијани одбележуваат еден од најголемите празници посветени на Христос, Преображение Христово, кога паѓа во време на Богородичните пости.

На овој ден се сеќаваме на Христовото преобразување, кога станал светлина: И засвети неговото лице како сонце, а неговата облека стана бела .. – запишано е во Новиот завет.

Во народните преданија на овој ден се преобразува и листот во гората и каменот во водата, со тоа најавувајќи ја есента која ни доаѓа.

Бидејќи целата природа се преобразува и бидејќи празникот се поврзува со промена на годишните времиња, верниците од 19 август повеќе не се бањаат во река.

На овој ден сите верници постат, а на празничната трпеза се принесува вино и риба. На крајот од светата литургија се осветува грозјето, кое според обичајот првпат се јаде на овој празник. Исто така, тоа се разделува и на гробишта за душа на мртвите.

Според народните обичаи, на Преображение не е убаво да се спие преку ден, да се плаче, ниту да седи во кафеана. Според верувањето, таквите ќе се преобразат и цела година ќе бидат поспани, меланхолични и “растурикуќа”.

Во некои делови од земјата жените и девојките стануваат пред изгрејсонце и се зафаќаат со некоја работа, за да се преобразат во уште повредни.

За оние што поцрнеле преку лето се верува дека од тој ден кожата ќе започне да им белее. А се преобразува и самото небо, слично како на Богојавление.

Од преданието:

Bo последната година од земниот живот Исус Христос најчесто им напомнувал на своите ученици за страдањето кое му претстои, за славата која му претстои пo распетието на крст и дека неговото царство е вечно.

За да не отстапат co духот пo неговото страдање, и co тоа да се обесхрабрат, Исус co себе ги повел апостолите Петар, Јаков и Јован на гората Тавор за да им Ја покаже својата божја слава.

За време на молитвата, тој се преобразил: лицето му засветило како сонце, a облеката му била бела како светлост и покрај него тогаш се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија, зборувајки co него за неговата претстојна смрт во Ерусалим.

Тогаш, Христос на апостолите им рекол дека за она што го виделе никому да не кажуваат додека тој не воскресне, сакајки co тоа да ги охрабри. Ha апостолите, од облаците им се појавил и Божјиот глас, соопштувајки им дека Исус е негов син.

Како црковен празник, Преображение Господово кое се паѓа на 19 август, востановено е релативно подоцна, дури околу VII век, и тоа во источните земји, додека во западните, католички земји, востановено е уште подоцна, во 1457 година.

Одлуката и во Западната црква свечено да се прославува Преображение ја донел папата Калист III во спомен на големата победа на христијаните во борбата при опсадата на Белград, во јули 1456 година.

Преображение претставува празник кој го чува споменот за божествената слава на Исус Христос и неговата намена е да ја чува надежта и вербата во спасението. Како што запишале евангелистите, Исус Христос во последната година од неговиот живот на земјата се преобразил пред тројца свои ученици, притоа светејќи како светлост.

Bo македонскиот народен календар, празникот  Преображение е прифатен како голем празник, но на овој празник народот му дал сосема други значења. Всушност, на тој ден водата се преобразувала, односно оттогаш започнувала да се менува и станувала поладна, а и времето започнувало да се врти кон зима.

Според Марко Цепенков, до „Преображдење” не требало да се јаде грозје. Најпрвин, на денот требало попот да го испее, после да се раздаде на комшиите, па отпосле да се јаде.

И Кузман Шапкарев запишал дека во Скопје и во околината, како и во охрид, никој до Преображение не јадел грозје. Постоело верување дека до празникот не требало да се јаде грозје бидејќи било гревота, но откако ќе го отпеел попот, забраната завршувала. Децата кои оделе по полето не смееле да јадат капини се додека не пробале грозје. Капините ги сметале за „ѓавулско грозде”, па кој ќе пробал прво од нив, бил на страната на ѓаволот.

И во селото Теово (Азот) на овој ден за првпат се берело бело грозје, „уште пред слнце-се носело в црква, па после се зајадувало. Слични практики забележал и Душко Константинов во селото Смилево, каде што луѓето на тој ден за првпат зајадувале грозје, но и капини, за кои верувале дека биле од „Скраја” (од Сотоната), кој ги зреел.

Освен овие, во народната култура на Македонците за Преображение имало и други верувања, меѓу кои и она дека ноќта пред празникот небото се отворало исто како на Богојавление, и се јавувал Бог, кој им ги исполнувал желбите на сите што ќе го виделе тоа.

Спространов ни дава информации дека „на Преобржејне си одет штркојте и ластојците”. Во основа, сите верувања на празникот се поврзани co промените, co преминот од лето кон зима, од топло кон ладно, односно преобразувањето на целата природа. Bo Вевчани (Струшки Дримкол) празникот „Пображење” претставува селска слава и на тој ден домаќините чекаат гости, пријатели и роднини од околината.