Тиквиците се многу корисни за здравјето, особено младите кои не мора да се лупат, затоа што нивната надворна обвивка содржи најмногу полезни состојки. Може да се јадат маринирани како кисели краставички, да се пржат, похуваат, да се печат, да се полнат како пиперки…милион начини. Но, јас ја сакам оваа едноставна салата од тиквички и мислам дека можам да изедам „еден тон“, без наситка.

Многу е вкусна и освежителна, па ако досега не сте ја пробале, срдечно ви ја препорачувам. Ќе ви претставам неколку начини како јас ја приготвувам, но секако вие ќе си го пронајдете оној кој вам најмногу ви одговара. Еве што ви е потребно:

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 млади тиквички, маслиново масло, 2 чешниња лук, малку свеж магдонос, соја сос, балсамико оцет. Состојките се одокативни, а секој си соли и зачинува по вкус. Направете колку можете да изедете, а она што ќе ви остане складирајте го и чувајте го во фрижидер.

ПОСТАПКА: Одберете помлади тиквички за да не мора да се лупат. Убаво измијте ги па исечете ги на кругови со средна дебелина. Многу малку посолете ги (1-2 прстофати), бидејќи соја сосот е солен, па испечете ги тиквичките во нелеплива тава со многу малку масло (со четка само премачкајте ја површината).




Подгответе го дресингот за салатата: Излупете го и ситно исечкајте го лукот, а исто така и свежиот магдонос (1/2-1 китка, по вкус). Количините можете да ги зголемите или намалите во зависност од вашиот вкус. Додајте маслиново масло, соја сос и балсамико оцет, па промешајте и оставете малку да се соединат.




Во еден сад редете: еден ред дресинг, па еден ред тиквички и повторувајте ја постапката додека да ви се потрошат состојките. Салатата може да се јаде топла или ладна, секако е превкусна и може да се послужи со било кое јадење. Следи вториот рецепт кој многу е сличен на првиот, со тоа што тиквичките ги потпекувам во рерна.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г тиквички, 100 мл маслиново масло, 100 мл сончогледово масло, 250 мл балсамико оцет, лук по вкус, 4 листови жалфија, 8 листови босилек, мала китка власец, 1 лажичка рузмарин, сол, црн пипер во зрно




ПОСТАПКА: Тиквичките исперете ги, одстранете им ги краевите, исечете ги на тркалца и протријте ги со малку сол од двете страни. Наредете ги ги кујнска крпа илу хартиена салветка и прекријте ги со друга одозгора за да се впива водата која ќе ја испуштат. Вака нека отстојат 20-тина минути.




Рерната загрејте ја на 200 степени. Плехот од рерна обложете го со хартија за печење, па тиквичките наредете ги и ставете ги да се печат 20-тина минути. За маринада помешајте ги зачините со оцетот и маслото, посолете и запиперете. Ситно исечкајте лукче, па додајте го во маринадата.

Печените тиквички помнешајте ги со маринадата и оставете ги така натопени да отстојат на ладно место неколку часови. За тоа време тиквичките ќе ги впијат сите вкусови. Доколку салатата не ја подготвувате за дента, тогаш наредете ја во претходно стерилизирана тегла и добро затворете. Чувајте во фрижидер.