Да ви кажам искрено, повеќе изедовме отколку што ставивме во тегли…па ова е толку многу вкусно, има одличен освежителен вкус. Тиквичките се крцкави, фини, вкусни… Првпат ги приготвувам на овој начин, па ќе видиме како ќе се покажат оваа зима. Верувам дека овој рецепт ќе остане во омилените, мене многу ми се допаѓа – Лилјана Илиева.

Потребни состојки: 4 кг тиквички, 6 лажици крупна сол, 1 чаша од 200 мл масло, 250 мл јаболкова киселина, 200 г шеќер, магдонос и лук во количина по ваш вкус

Постапка: тиквичките измијте ги убаво под млаз ладна вода, не ги лупете, само исечете ги на тркалца со дебелина од приближно 1 см, а потоа и на четвртини. Прелијте ги со ладна вода, целосно да бидат под вода.

Вака потопени во вода оставете ги да отстојат четири ласа. Додека тие киснат, вие измијте го и ситно исечкајте го магдоносот, па додајте го и убаво исчитениот и ситно исечканиот лук.

Потоа тиквичките исцедете ги во цедалка, оставете ги некое време убаво да искапе водата, па потоа префрлете ги во друг длабок сад. Прелијте ги со маринадата (така што сите состојки ќе ги соединете).

Додајте го исечканиот магдонос и лук, па промешајте. Оставете вака да отстои 20 минути. Потоа започнете да ги складирате тиквичките во стаклени тегли (претходно стерилизирани).

Пастеризирајте ги само доволно колку да се вакумира капакот. Додека ги полнев теглите, многу изедов. Мој совет е да не менувате ништо – сè е таман. Во оригиналниот рецепт пишуваше 7 лажици сол, за мене тоа е пресолено, па намалив на 6 лажици. Можете да си ставите и тиквички во масло – одличен рецепт:

Потребни состојки: 3 средни тиквички, 150 мл јаболкова киселина (може и бел оцет 9%), 150 мл вода, 1 ловоров лист, 3-4 чешниња лук, 1 лажичка сол, маслиново масло за преливање по потреба (околу 500 мл)

Постапка: Тиквичките измијте ги, отстранете им ги краевите и исечете ги на тркалца со дебелина од 2-3 мм. Ставете ги во подлабок сад. Додајте ловоров лист и едно чешне лук исечен покрупно.

Во посебен сад ставете оцет, вода и сол, па ставете на оган да зоврие. Со врелата течност веднаш прелијте ги исечените тиквички. Врз нив ставете чинија која ќе ја оптеретите така да не можат тиквичките да испливаат.

Значи, секое тркалце тиквичка мора да биде потопено во маринадата која нема веднаш да ги прекрие, но за кратко време и самите тиквички ќе си испуштат свој сок и таман ќе бидат целосно потопени.

Вака нека отстои неколку часови додека да се олади, а најдобро преку цела ноќ. Потоа извадете ги од маринадата и раширете ги врз чиста кујнска крпа. Ставете и една крпа одозгора и натапкајте ги со рацете за поубаво да се исушат (не смее да има влага).

Потоа тиквичките наредете ги во стаклени тегли, а во секоја тегла ставете по едно исечкано лукче, а оној еден ловоров лист исечете го на помали парчиња и распоредете го во теглите.

Преку тиквичките залијте маслиново масло да бидат целосно прекриени. Теглите чувајте ги на ладно место. (Веги56) Прочитајте уште еден рецепт, како се приготвуваат тиквички во маслиново масло:

Потребни состојки: 2 кг млади тиквички, сол, бел оцет 9%, магдонос, власец (ако најдете), црн пипер во зрно, маслиново масло

Постапка: Тиквичките убаво измијте ги, а потоа без да ги лупите надолжно исечете ги на ленти не многу тенки (или сечете ги на парчиња по ваш избор), па посолете ги и оставете ги некаде да отстојат еден час додак да го испуштат сокот.

Во вода ставете сол и оцет, а односот е 3:1 во корист на вода (на пр. 3 чаши вода, 1 чаша оцет и сол по вкус). Кога ќе зоврие додајте ги сечените тиквички. Поради тиквичките водата ќе ја намали температурата.

Почекајте додека водата повторно да започне да врие, па штом зоврие, варете уште четири минути. Потоа вадете ги тиквичките со решеткаста лажица и редете ги врз кујнска крпа или цедалка, убаво да се исушат (не смеат да имаат влага, затоа е најдобро да ги натапкате со крпа).

Потоа редете ги во стерилизирани стаклени тегли, а помеѓу ставајте сечкан магдонос и малку власец или лукче. Додајте и по некое зрно црн пипер. Откако ќе ја наполните теглата, одозгора прелијте маслиново масло.

Тиквичките треба целосно да бидат прелиени во маслото, а содржината нека биде 1 см под ивицата на теглата. Затворете со метален капак, па пастеризирајте исто како што ги пастеризирате компотите, на пример.

Теглите наредете ги во широко тенџере обложено на дното со кујнска крпа, да не се допираат една до друга, па варете ги 15-20 минути. Сварените тегли оставете ги да се оладат 24 часа.

СОВЕТ: Маслото не мора да биде маслиново, може и да користите и обично или да го промешате половина-половина. Се послужува како салата со додаток од лук или некое сирење и маслинки, со шпагети… / Блуес40 / Сооlinarika.com