Што ново да се направи со тиквичките е прашање кое секоја домаќинка ја измачува во сезона на тиквички. Се шегувам, но навистина понекогаш е тешко човек да смисли ново јадење со кое ќе ги воодушеви домашните.

Тиквичките често ги користам бидејќи ги има на секоја тезга, имаат неутрален вкус и ги примаат аромите и мирисите на она што ќе им го додадете.

похувани тиквички полнети со кашкавал

Идеални се кога е жештина, брзо се приготвуваат, а со кисела павлака доста освежуваат. Овојпат направив тиквички полнети со кашкавал или фета сирење. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

2 средни тиквички
сол и малку црн пипер
кашкавал или фета сирење
јајце, брашно, лебни трошки (презла)

Постапка:

1.Излупете ги тиквичките па исечете ги по должина на тенки ленти. Ова е најлесно да ги направите со нож за лупење компири со долг, широк нож.

2.Лентите малку насолете ги и запиперете ги, па оставете ги малку да пуштат течност. Исцедете ги, па земајте по две ленти и преклопете ги на средината како да правите крст.

3.Во средината на крстот ставете парче кашкавал исечено како правоаголник, или лента превиткана на два-три пати, па префрлете ги лентите лево и десно и горе и долу (како да ги диплите), па свиткајте ги ливчињата околу кашкавалот.

Постапката повторувајте ја додека да ги потрошите тиквичките.

4.Потоа загрејте го маслото во тавче на нешто послабо од најсилниот оган, а додека чекате маслото да се загрее, изматете јајца и во посебни садови подгответе брашно и лебни трошки.

5.Валајте ги тиквичките прво во брашно, па во јајце, па во лебни трошки и пржете ги додека да заруменат од двете страни.

Пржените тиквички редете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија и послужете ги топли. Ако сакате да ги печете во рерна, тогаш следете го рецептот од видеото ОВДЕ: