Кој го сака вкусот на пиперките, ќе ужива во овој рецепт. Може да се послужат како предјадење или прилог на главното јадење. Одличен вкус, секогаш ќе ви бараат повеќе…За следниот рецепт може да користите црвени или зелени пиперки, по избор. Во продолжение прочитајте уште неколку варијанти на овој рецепт:




Потребни состојки: 5 поголеми пиперки, 1 јајце, 100 г рендано сирење по избор, 2 лажици кисела павлака, 1 лажица гриз, сусам за наросување одозгора. Постапка: пиперките измијте ги убаво со ладна вода, избришете ги, па пресечете ги на половина. Внимателно исчистете ги од семчињата за да останат со форма како кајчиња.




Во подлабок сад изматете едно јајце со жица, па додајте 100 г рендано сирење, две лажици кисела павлака и една лажица гриз. Промешајте добро за да се изедначат состојките. Тавчето во кое ќе ги печите пиперките обложете го со хартија за печење.




Рамномерно распоредете ја смесата и полнете ги пиперките со по околу околу две лажици секое парче. Одозгора наросете сусам, па ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени околу 15 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт за пиперки со сирење на поинаков начин:




Потребни состојки: 3 големи пиперки, 200 г сирење, 50 г сланина, 1 јајце, 50 мл кајмак или кисела павлака, 1 лажица сусам, 1 лажица ленено семе, масло по потреба. Бидејќи веќе имам главно јадење, овојпат направив само три пиперки како предјадење, а вие ако сакате зголемете ги количините ако правите повеќе.




Постапка: Пиперките измијте ги убаво и исцедете ги. Исечете ги на половина и исчитете ги од семките. Сирењето во посебен сад издробете го и соединете го со едно јајце. Во смесата додајте еден мал филџан за кафе кајмак или кисела павлака, а по потреба посолете.




Зачинете со по една лажица сусам и лелено семе по вкус, а за да се збогати вкусот вмешајте и 50 г ситно сечкана сланина или некое друго сувомеснато по ваш избор (шунка, печеница…). Промешајте добро за да се изедначи смесата, па полнете ги пиперките.




Испрскајте со малку масло и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20-25-тина минути додека убаво да зарумени. Пиперките можете да ги сервирате како прилог на печено месо, но бидејќи се заситни може да ги послужите и како главно јадење. Следниот рецепт ќе ве воодушеви: Полнети пиперки со фил од мелено месо




Потребни состојки: 1 кг мелено месо, 3 главици кромид, 3 домати, 2 китки магдонос, 1 супена лажица сув зачин (вегета), 1,5 шолја за кафе ориз, сол и црн пипер по вкус, 1 лажичка црвен мелен пипер, 100 г путер, 100 мл маслиново масло и пиперки за полнење, може црвени, зелени, бабури, сомборки, ајварки, по избор.




Постапка: Меленото месо пропржете го со путерот. Додајте ситно сечкан кромид, црвен мелен пипер, вегета, сол и црн пипер по вкус. Кога ќе испари вишокот сок од кромидот, додајте измиен ориз и ситно сечкан магдонос. Промешајте убаво за да се изедначи смесата, па тргнете од оган. Во меѓувреме исчистете ги пиперките од семето и малку исечете го врвот, не целосно, сепак низ него да влегува водата при печењето, така се посочни.




Од доматите направете капи со кои ќе се затворат полнетите пиперки. Внатрешната страна од доматот ситно се сечка и се додава во филот. Внимателно се полнат пиперките со филот и се затвораат со парче домат. Се редат во тепсија. Се додава една чаша вода и маслиново масло. Се покрива тепсијата со алуминиумска фолија.

Може да се користи и огноотпорен сад за печење со капак. Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени. Повремено проверувајте дали се готови пиперките, а пред крајот тргнете ја фолијата или капакот и оставете уште малку да се потпечат. Послужете ги топли со јогурт, таратур или друга салата.