За сите љубители на тиквичките им го откриваме овој брз и лесен рецепт кој секој може да си го приготви. Веројатно секоја домаќинка некогаш правела ќофтиња од тиквички, или исечени на тенки тркалца ги пржела како чипс, подготвувала „мусака“…




Ви предлагаме да го испробате овој подиетален и побрз начин на готвење. По желба, во основната смеса може да си додавате зачински билки по ваш вкус, како и сечкано лукче за поголема пикантност.




Вкусот на овие палачинки можете да го направите уште поинтересен ако додадете и пиперки исечкани на тенки лентички. Прилагодете ја количината и состојките според големината на вашиот плех во кој ќе ја печете големата палачинка (а потоа ќе ја исечете на коцки). Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 3 тиквички, 3 компири, 3 лажици масло, 1/2 китка копар, 1/2 китка магдонос, неколку зелени кромитчиња по вкус, 1 мала лажичка црн пипер во прав или по вкус, 1 лажичка прашок за печиво, сол по вкус, црвен пипер по вкус, 220 г брашно или по потреба




ПОСТАПКА: Тиквичките добро измијте ги со млада вода, а доколку се млади не мора да ги лупите. Отстранете им ги краевите, па изрендајте ги на крупно ренде. малку посолете ги и оставете ги 10-тина минути да го испуштат сокот.




Потоа процедете ги низ раце и ставете ги во еден подлабок сад. Истото сторете го и со компирите, со тоа што нив треба да ги ставите во вода за да не потемнат, а потоа да ги исплакнете и да ги исцедите од вишокот вода. Може и да го прескокнете овој чекор, едноставно изрендајте ги и исцедете ги исто како тиквичките.




Останатиот зеленчук исто така, измијте го и ситно исечкјате го, па додајте го во тиквичките и компирите. Во посебен сад изматете ги јајцата со маслото, па додајте зачини, брашното и прашокот за печиво. Добро изматете за да добиете хомогена смеса без грутчиња.




Во добиеното тесто додајте ги ренданите тиквички, компирот и останатиот зеленчук, па промешајте за да се распоредат рамномерно состојките. Плехот во кој ќе печете обложете го со хартија, а потоа излејте ја смесата и распоредете ја рамномерно.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 40 минути, или прилагодете го печењето според вашата рерна. Пред крајот на печењето, по желба наросете рендан кашкавал одозгора и вратете да се допече. Оставете малку да подизлади, па сечете ја на коцки и послужете.