Ако ви останал вчерашен леб кој не знаете како да го искористите, тогаш мора да го испробате овој рецепт и да направите брзи и многу вкусни топли пица сендвичи кои се потпекуваат во рерна.




Откако го знам овој рецепт честопати им го приготвувам на моите деца, без разлика дали имам вчерашен или денешен леб. Многу е практично, не губам време на месење тесто, а на овој начин можам да ги искористам и состојките кои ми се преостанати во фрижидерот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 парчиња леб, 100 мл млеко, 1 супена лажица масло за готвење или растопен путер, 6 мали лажички кечап или доматен сос, 100 г кашкавал, 100 г шунка или чајна колбасица (сувомеснато по избор), малку печурки по желба, оригано или босилек




ПОСТАПКА: Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење. Парчињата леб распоредете ги во плехот, а доколку сакате да добиете цело парче пица со величина на плехот, тогаш употребете поголема количина леб и пополнете ги сите празнини.




Потоа измешајте го млекото со маслото, па секое лепче натопете со по малку од течноста. Во случај да правите пица од леб во целиот плех, тогаш скршете неколку јајца и помешајте ги со млеко и малку масло, па прелијте го преку цела површина за да ги „поврзе“ парчињата. За пица сендвичите доволно е само малку да се натопат со млеко (по 3 лажички).




Потоа врз парчињата леб премачкјате кечап или доматен сос, па наредете тенко исечано сувомеснато (шунка, врат, кулен, чајна…) или што и да сакате, може и сечкан зеленчук за вегетаринска опција.




Потоа одозгора нарендајте кашкавал и тенко сечкани печурки (оние што не ги сакаат нека ги изостават). зачинете со суво оригано или босилек (свежи листови од босилек се ставаат кога лепчињата ќе бидат испечени).




Вака приготвените пица-лепчиња ставете да се печат во претходно добро загреана рерна на 200 степени околу 15 минути, или додека да се растопи кашкавалот и малку да се потпече. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.