Во сезоната на домати и пиперки речиси и да нема куќа во Македонија во која домаќините не подготвуваат сатараш барем еднаш неделно. Ова вкусно и едноставно јадење може да се комбинира со сезонска салата, млечни производи како: јогурт, кисело млеко, сирење, павлака или кајмак, но и со месо приготвено на различни начини.




Овој сатараш приготвен од зеленчук може да биде совршено јадење за време на пост, доколку во него не ги ставите колбасите. Сигурно знаете дека познатото јадење „сатараш“ може да се приготви на милион начини и секој си има свој совршен рецепт, но овој што ќе го прочитате подолу е најевтината можна варијанта. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1-2 модри патлиџани (300 г), 6-7 пиперки, 2 главици кромид со средна величина, 3-4 домати, 50 г свеж магдонос (1 китка), 5-6 чешниња лук (1 помала главица), 400 г колбаси (видот одберете го сами, по желба може и некое друго сувомеснато), масло, сол, црн пипер по вкус и 100 мл доматен сос

ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги под млаз ладна вода и исцедете ги или избришете ги. Потоа исчистете ги од дршката и семето, па исечете ги на филети (надолжно исечете ги на половинки, третинки или четвртинки, во зависност од големината на пиперките).




Од модриот патлиџан отсечете ја дршката заедно со малите странични ливчиња, излупете го, па исечете го на тенки ленти. За да се ослободи евентуалната горчиња од него, лентите една по една наредете ги во некој подлабок сад и посолете ги. Оставете ги вака да отстојат 10-тина минути.




Кромидот излупете го и исечете го на тенки полумесечинки, магдоносот ситно исечкјате го, лукот исто така излупете го и истно исечкјате го, а доматите излупете ги (најлесно ќе ја излупите тенката лушпа доколку доматите ги засечете од долната страна во вид на крстче, па неколку секунди ги потопите во врела вода, а веднаш потоа ги ставите во вода со мраз).




После 10-тина минути кога лентите од модар патлиџан ќе омекнат и ќе го испуштат сокот, исцедете ги и една по една спуштајте ги во тава со малку масло загреано на умерена температура. Пржете ги кратко од двете страни колку да заруменат и вадете ги настрана во посебен сад.




Во истото масло (додајте по потреба) испржете ги и филетите од пиперки. Намалете ја температурата зашто пиперките се готват многу побрзо од патлиџаните. Пржете ги колку да омекнат, па извадете ги во посебен сад. Во истата тава запржете ги колбасите, претходно исечени поситно или покрупно по желба.




Во маслото во кое се пржеа колбасите (додајте по потреба) испржете го кромидот колку да омекне, па додајте го ситно исечканиот домат. Оставете да се готви додека да испари вишокот течност и да добие на густина. Во магдоносот додајте ситно сечкан лук (изрендан или поминат низ преса), посолете со 1 лажичка сол, малку црн пипер во прав и измешајте со рака.




РЕДЕЊЕ: Во подлабока тава на дното распоредете половина од доматниот сос со кромид, потоа еден ред модри патлиџани, па пиперки (посолете по вкус), магдонос со лук, потоа наредете колбаси, па втората половина од доматен сос, остатокот од патлиџаните, па пиперките (посолете по вкус), магдонос со лук и одозгора прелијте малку готов доматен сос или кечап.

Поклопете и гответе 10-тина минути на умерена температура колку да се соединат вкусовите. не треба да се меша, туку малку да се протресе тавата. Послужете како прилог на колбасите или како самостојно јадење (посно, без колбаси).