Проичките приготвени со палента или пченкарно брашно се најздравата верзија за појадок, омилена за децата, но и за возрасните. На основниот рецепт можете да им додавате парчиња сирење или нешто по ваш вкус, но нема потреба зашто сами по себе се многу вкусни. Првиот рецепт содржи сув квасец, а вториот прашок за печење. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 470 г палента (крупно мелена пченка), 1 мала лажичка шеќер, 1 кесичка сув квасец (10 г), 4 супени лажици млеко, 15 полни супени лажици кремаст јогурт или кисела павлака, 4 супени лажици растопен путер/маргарин, 2 јајца, 4 супени лажици масло, сол по вкус

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 1 чаша (180 мл) течен јогурт 2.8 % мм , 2 чаши пченкарно брашно, 1/2 чаша масло, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 1/2 лажичка сол, 300 г фета сирење




ПОСТАПКА за рецепт 1: во чаша сипете лажичка шеќер и една кесичка сув квасец, па додајте четири лажици млеко, промешајте и оставете 5-10 минути на топло место додека да се активира квасецот и да запени. Во подлабок сад ставете 4 лажици омекнат или растопен путер и додајте ја палентата.




Во средината направете вдлабнување и сипете го активираниот квасец. Додајте малку сол по вкус (јас користев зачинета сол со разновидни билки и две мали лажички ми беа малку, но ако се користи обична сол тогаш доволна би била една или една ипол). Потоа додајте го кремастиот јогурт или кисела павлака.




Во чинија изматете ги јајцата со виљушка и додајте ги во мешавината, па со дрвена лажица или кујнска шпатула промешајте еденргично додека сите состојки да се соединат. Ако ви се чини дека смесата не е доволно влажна, тогаш додајте уште малку јогурт, и обратно, ако е многу течна додајте палента.




Добиената смеса покријте ја со кеса или крпа и оставете ја да одмори и ферментира 20-30 минути на топло место. Стасаното тесто од палента промешајте го повторно, па додајте 4 супени лажици масло и уште еднаш соединете за да се инкорпорира. Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени (горна и долна температура).




Калапите за мафини добро намастете ги со хартиена салфетка потопена во масло, па полнете ги со смесата. Мојот калап е со 12 вдлабнувања, па секое го наполнив со две ипол полни супени лажици. Ставете ги проичките да се печат во загреаната рерна (200 степени) 30-тина минути или додека да заруменат. Оставете малку да подизладат, па послужете ги. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: изматете ги јајцата со жица, додајте јогурт, брашно, прашок за печиво и сол, па мешајте додека смесата добро да се соедини. Фета сирењето искршете го на коцки и додадете го во смесата. Промешајте. Полнете ги намастените калапи со смесата, но не ги преполнувајте премногу. Оставете простор за да пораснат при печењето.




Се печат во претходно загреана рерна на тепература од 200 степени приближно 15 минути. Но, времетраењето зависи од рерната, големината на калапите и др. Јас користам мали калапи за мафини и ми излегуваат 24 парчиња.

Во половина од смесата додадов еден врзоп сечкана блитва и добив преубави мафини со малку поинаков вкус. Вие може да додавате што сакате по вкус. Деталите од видеопрезентацијата од првиот рецепт можете да ги погледнете ОВДЕ. Инаку оваа смеса за мене е основа за сите мафини од чисто пченкарно брашно без додавање на бело брашно.