I РЕЦЕПТ – Посен колач со афион и кокос – лесен и едноставен рецепт, мерки на шолја и лажица. Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss). Кога е период на пости, менито е ограничено, но тоа не мора да значи дека не може да се приготвуваат вкусни посни колачи.

Па, еве уште еден посен колач за оние кои постат како предлог. Потребни состојки: 6 шолји (од 200 мл) брашно, 3 шолји шеќер, 4,5 шолји кисела вода, 1,5 шолја масло, 2 лажички екстракт од ванила или 2 кесички ванила шеќер, 150 г афион, 50 г кокос, 100 г сува брусница и 1 лажичка рум или екстракт од рум за брусницата.

За прелив: 20 лажици вода, 10 лажици шеќер, 4 полни лажици какао и 80 г маргарин. Постапка: Се мешаат сувите состојки и во нив се додадваат течните, па се убаво и компактно се меша. Доколку брусницата е посува и не е многу сочна, ставете ја во посебно чинивче во кое ќе додадете малку топла вода и екстрактот од рум.

Оставете така да одстои 10-тина минути. Колку е потопла водата, толку побрзо оди процесот. Потоа исцедете ги и додадете ги во смесата за колачот. Дозата на овој колач е за длабок плех од шпоретот. За моите потреби требаше да опслужи за околу 40-тина луѓе, односно, отприлика натокмив толку парчиња.

Доколку сакате помалку, тогаш преполовете ги состојките, или пак за поголема тава земете 2/3 од дозата. Печете на 190 степени околу половина час. Во посебен сад ставете ги состојките за прелив и мешајте ги на среден оган додека убаво се растопат и смесата да биде компактна.

Оставете го потоа 10-тина минути да подизлади со повремено мешање за да не фати кора или нерамномерно се здрви, па прелијте го колачот. По желба, одозгора може да го наросите со кокос, па откако ќе подизлади, сечете го на коцки и уживајте со чаша топло млеко, кафе или чај./Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss)

II РЕЦЕПТ – Колач со јаболка и афион, многу лесен и вкусен колач. Фотографија и рецепт на Моника Иваноска. Потребни состојки: 5 јајца, 200 г шеќер, 100 г афион, 4-5 јаболка рендани, 1 прашок за печиво, 200 мл млеко, 100 мл масло, 300 г брашно.

За прелив: 1 чоколадо за готвење со неколку лажици масло по желба. Постапка: Се матат јајцата и шеќерот пенасто, а потоа постепено се додаваат сите состојки и убаво се мешат. Потоа се додаваат ренданите јаболка и афионот, па па смесата се истура во намастено тавче бр.30. Се пече на 190 степени околу 40 мин. Кога ке се испече се прелива со чоколадната глазура. / Фотографија и рецепт на Моника Иваноска

III РЕЦЕПТ – Колач со мак, брзо, лесно, вкусно, може и посно, се меша со лажица, не можете да згрешите. Фотографија и рецепт на Виолета Танкосиќ Андреевска. Потребни состојки: 2 шолји шеќер, може и помалку, по вкус, 2 шолји млеко, 1 шолја масло, 3 шолји брашно, 1 прашок за печиво, 100 г мак (афион).

Се мери со една иста шолја од 200 мл, јас користев шолја за чај. За посна варијанта, наместо млеко, може сок од портокал, газоза, вода, а наместо чоколадна глазура може одозгора да се премачка со џем. Постапка: Сите состојки по ред се ставаат во подлабок сад и се мешаат со лажица додека да добиете изедначена мазна смеса.

Смесата се излева во намастен и набрашнет плех со средна величина и се пече во загреана рерна на 200 степени. Јас печев во тркалезна тепсија бр.30, околу половина час или додека колачот да започне да се одвојува од ѕидовите на тепсијата. Ако користете поголеми шолји, користете поголема тепсија.

Печениот колач одозгора се прелива со чоколадна глазура, топено чоколадо со малку масло или по ваша желба. Колачот може да се приготви и во посна варијанта. Наместо млеко ставете газоза или вода, сок и рендана кора од портокал, а одозгора премачкајте го со вашиот омилен џем.

IV РЕЦЕПТ – Посен колач со мак – брз, се мери со шолја, се меша, излева и пече, ве враќа во убави спомени… Фотографија и рецепт на Габриела Миленкоска/Рецептот за овој превкусен и посен колач со мак ни го претстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во нашата и ваша група НМД рецепти.

Подготовката е навистина брза и едноставна, а колачот е толку вкусен што освен децата кои најмногу му се радуваат, го сакаат и возрасните, исто така. Засладете се уште денес со овој вкусен колач кој ќе ви разбуди убави спомени од детството…

За да го подготвите колачот не ви е потребен миксер, доволна ви е најобична – жица маталка и еден филџан за кафе од оние “браво” или “елит” од 150 мл. Важно е да мерите со една иста шолја. Потребни состојки: 2 филџани шеќер, 2 филџани млака вода, 1 филџан масло, 3 филџани брашно, 1 прашок за печиво, 100-150 г семе од афион, 1 ванилин шеќер.

За чоколадна глазура ќе ви биде потребно: 100 г чоколадо за готвење и 1-2 лажици масло. Постапка: Во поголем сад ставете два филџани млака вода и еден филџан масло. Додадете 2 филџани шеќер и една кесичка ванилин шеќер (по желба) и промешајте малку со маталката за да се растопи шеќерот.

Потоа додадете 3 филџани брашно и еден прашок за печиво. Цело време мешајте додека додавате шолја по шолја од состојките. А на крај додадете го афионот и убаво соединете во компактна смеса. Тепсија со број 28 намастете ја и набрашнете ја, а вишокот истресете го, па во неа излејте ја приготвената смеса.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. За глазура: едно чоколадо за готвење со една лажица масло се растопува на пареа или на многу тивок оган, па се премачкува тортата млака а чоколадото топло. Се декорира по желба, но не мора, може да се остави и како сув колач наросен со шеќер во прав./Фотографија и рецепт на Габриела Миленкоска.

V РЕЦЕПТ – ТОРТА ОД МАК: ова е најпенастиот колач кој сум го пробала а не содржи желатин! Чепкајќи по тефтерот на мајка ми со рецепти, го најдов овој, го направив и се воодушевив! Единствена мана е што веднаш се изедува! Потребни состојки:

6 јајца, 180 г шеќер, 180 г путер, 280 г мелен мак (семе од афион), 2 реда рендано чоколадо, 1 мала кафена шолја рум. За глазура: 100 г чоколадо, 1 лажичка шеќер во пав, 3 лажици масло, џем од кајсии за премачкување. Постапка: Добро изматете ги жолчките со шеќер и омекнат путер, па додадете мак, рендано чоколадо и рум.

Изматете цврст снег од белки па спојте ги смесите. Напомена за младите домаќинки: никогаш не го истурајте снегот од белки (шне) одеднаш и не матете. Додавајте постепено и полека, а со лажицата “превртувајте” за да остане смесата воздушеста.

Смесата излејте ја во калап 26 обложен со хартија и печете на 180 степени. Печената кора премачкајте ја со џем од кајсии па вратете во исклучената рерна уште минутка да се засуши. Одозгора нанесете чоколадна глазура која се приготвува од растопено чоколадо со малку масло за сјај.