Рецепт и видео презентација на Тања од “Рецептура” – Бела пита, старински рецепт на нашите баби. Ако ги сакате оние поранешни, старински и проверени рецепти од тефтерите на нашите мајки и баби, тогаш оваа бела пита, позната уште и како “Бела Унгарка” е совршен избор.

Потребни состојки за кори: 400 г меко брашно, 150 г путер или маргарин, 1 јајце, 150 г шеќер во прав, 15 г прашок за печиво, 60 мл кисела павлака. За крем: 600 мл млеко, 90 г меко брашно, 250 г шеќер во прав, 2 кесички ванилин шеќер, 250 г путер. За украсување: 100 г бело чоколадо.

Постапка: Во длабок сад ставете го брашното и прашокот за печиво, па промешајте. Потоа додадете го шеќерот во прав и путерот омекнат на собна температура и исечкан на листови. Едно јајце на страна изматете го со виљушка, па и него додадете го во садот со брашното.

Откако ќе ја додадете и киселата павлака, убаво соединете ги состојките и на крај замесете со рака додека да добиете убаво мазно изедначено тесто. Формирајте топка од тестото, префрлете го врз парче проѕирна фолија. Завиткајте го и истиснете го воздухот.

Оставете го тестото во фрижидер да одмори половина час а потоа поделете го на три еднакви делови. Од хартија за печење направете калап со димензии 21х32 см (според величината на плехот во кој ќе се печат корите, погледнете го објаснувањето во видеото).

Во хартијата ставете едно парче (третина од тестото), па со помош на оклагија развлечете кора според димензијата на направениот калап. На овој начин се добиваат убави правилни тенки кори според димензиите на калапот. Постапката се повторува и со останатите теста.

Вака добиените кори, една по една ставете ги да се печат врз превртен плех на хартија во претходно загреана рерна на 170 степени, по 10 минути. Печените кори треба да останат светли. Оставете ги корите на страна да се ладат, а за тоа време пригответе го кремот.

Во еден подлабок сад ставете брашно, шеќер во прав и ванилин шеќер. Промешајте, па од вкупното млеко издвојте 20 лажици и додадете ги во мешавината. Добро изматете со жица маталка за да нема грутчиња додека да се добие хомогена мазна смеса.

Остатокот од млекото ставете го на оган да се згрее, па кога ќе зоврие тргнете го на страна. Потоа во врелото млеко додадете ја претходно изматената смеса, па вратете повторно на оган и мешајте постојано додека кремот убаво да згусне. Сварениот крем тргнете го на страна.

Покријте го со проѕирна фолија за да не се создаде коричка. Путерот пенасто изматете го со електричен миксер, па постепено во него додавајте по две-три лажици од изладениот крем. Матете цело време додека да добиете изедначен, мазен и воздушест крем.

Добиениот крем поделете го на два еднакви делови. Внимателно поставете ја првата кора врз тацна за послужување и тоа со мазната страна (од страната на хартијата) да биде свртена кон долу. Рамномерно распоредете ја првата половина од кремот и убаво измазнете.

Поклопете со втората кора, па врз неа распоредете ја втората половина од кремот. рамномерно израмнете. Одозгора прекријте со третата кора. Притиснете ја нежно со дланките и ставете некое оптеретување одозгора за да можат корите подобро да се соединат со кремот.

Вака приготвениот колач оставете го во фрижидер преку цела ноќ добро да се олади. Следниот ден на пареа растопете го белото чоколадо искршено на коцки, ставете го во шприц или кеса на која подоцна ќе го откинете на еден агол и ќе ја украсите тортата одозгора.

Декорираниот колач вратете го во фрижидер за да се стегне чоколадото уште еден час. Пред сечење отстраете ги странете за да добиете правилни парчиња. потоа исечете го колачот и послужете го. Сите детали од постапката на колачот можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.