Рецептот за оваа пита со спанаќ пред сè е наменет за домаќинки или домаќини кои немаат искуство со развлекување на кори и месење тесто.

Вака подготвената пита има вкус и изглед на домашно развлечени кори и никој нема да погоди дека сте ја направиле од готови, купечки кори. Еве што ви е потребно според рецептот на Полимка:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

500 гр кора за пита

Фил I:
3 јајца
1 чаша (од 200 мл) јогурт
1 чаша масло
1 чаша газирана вода
1 брашно
1 кесичка прашок за печиво

Фил II:
200 г сирење
300 г сецкан спанаќ

ПОСТАПКА:

Подготовка на филот I: изматете 3 јајца, 1 чаша јогурт, 1 чаша масло, 1 чаша газирана вода, 1 чаша пченично брашно и прашок за печиво и 1/2 лажичка сол.

Потоа пригответе го и филот II: Изрендајте или изронете 200 г сирење, додајте измиен и исечкан (може и бланширан) спанаќ (јас користев замрзнат, претходно го одмрзнувам и добро го исцедувам од водата), па додајте 3 лажици од смесата од првиот фил, посолете по вкус и убаво измешајте.

Земете една кора, премачкајте ја со првиот фил (доволни се 2 лажици фил), врз неа ставете ја втората кора, повторно премачкајте ја со фил, па на крајот од кората ставете ред од вториот фил со сирење и спанаќ, па внимателно свиткајте во ролна.

Истото повторете го со сите кори. Со преостанатиот прв фил премачкјате ги ролатите и ставете ја питата да се пече во загреана рерна на 200 степени додека да добие златно-жолта боја.