Ако сакате да приготвите многу брз, вкусен и едноставен ручек кој притоа ќе ги засити домашните, без месо, тогаш овој рецепт ќе ви заштеди пари и ќе ви ги наполни стомаците 🙂
Потребни состојки:
500 г кори за пита
6 јајца
1 литар јогурт
1 лажица сол
малку масло за намастување на тепсијата (30 см).
Постапка:
Изматете ги јајцата со миксер малку да запенат. Додадете јогурт (оставете 3-4 лажици за премачкување).
Измешајте ги јајцата и јогуртот. Намастете ја тепсијата.
Ставете еден лист и уште еден врз него, попречно. Потоа земајте по половина кора, па згужвана натопувајте ја во смесата и редете во тепсија.
Не ги притискајте една врз друга, но редете ги да биде пополнето а не стиснато. Исто така, не штедете на фил.
Кога ќе направите еден ред, земете една кора и поделете ја на 3 дела, не мора прецизно.
Малку згужвани наредете ги тука-таму врз натопените кори.
Продолжете со натопување и редење врз овие суви кори. Овие суви кори се ставаат за да впијат малку од филот. Оставете една за горе.
Ако ви остане фил прелијте го преку згужваните кори.
Поклопете со корите кои висеа од страна, ставете ја последната кора и премачкајте со јогурт.
Печете на 200 степени најмалку половина час. Кога ќе зарумени гибаницата покријте ја со хартија и печете уште 10 минути.