Оваа диета е наменета за пациенти со чир на желудник, дуоденум, ерозивен и хронични гастритис и дуоденитис, рефлуксна болест на хранопроводот (ГЕРБ) и хијатална хернија.

На ваквите пациенти им се препорачува лесно сварлива храна, без употреба на иритирачки зачини и храна што предизвикува подуеност. Храната мора да биде добро зготвена во сопствениот сок, а доколку е печена треба да се подготви со минимална количина на масло.

Се препорачува поголем внес на јагленихидрати од житни култури како леб, двопек, тестенини, ориз, пчнкарен гриз, пченица, зеленчук и овошје.

Изворот на протеини би требало да биде посно месо со предност на пилешко, мисирка, риба, свежо посно сирење, ферментирани млечни производи со додавање на пробиотици и пребиотици и јајца.

Од масти користете маслиново масло и други растителни масла. Течностите треба да се обезбедат од компоти, супи и билни чаеви. Стар превентивен лек против стомачни заболувања е свежиот сок од зелка. Често се препорачува за да се ослободи од дипепсијата (нервозен стомак) и други проблеми со стомакот. Повеќе за зелката прочитајте ОВДЕ.

Се препорачува консумирање на лажичка мед после оброк, чај од ѓумбир со неколку капки сок од лимон наутро на празен стомак, масло од црно семе, ким, сок од брусница и гел од алое вера.

На пациентите им се препорачува да ги следат упатствата за исхрана: Оброците не треба да бидат премногу топли или премногу ладни, премногу слатки или премногу кисели. Храната треба да се јаде полека и добро да се џвака. Не се препорачува да се пијат големи количини на течности за време или половина час после јадење.

По прекинот на третманот со лекови, потребно е да се продолжи со препорачаната
диета, бидејќи го спречува враќањето и влошувањето на болеста. Пушењето и консумирањето ал-ко-хол не се препорачуваат.

Храна и пијалаци што можат да ја влошат состојбата се: слатки како чоколадо, колачи, ал-ко-хол, газирани пијалаци, кафе, силни чаеви. Не се препорачува ниту неизлупено, незрело и кисело овошје, суво овошје, грозје, масни супи, масно месо, риба и сирење, силни зачини, готови сосови, пиперки, краставици, многу кисела зелка, кромид и ментол.

Се препорачува супа со малку маснотии направена од зеленчук (сварете мала количина на тестенини, ориз, гриз), супа од телешко месо, супа од риба. Не се препорачува: масни супи, индустриски готови супи, супи од сушено месо.

Месо се препорачува: младо месо во варен или печен облик (телешко, говедско, пилешко). Не се препорачува свинско месо, пржено и мелено месо, пушено месо,
салама и колбаси, паштети, конзервирано месо.

Се препорачуваат тврдо варени јајца, но не пржени јајца. Од млеко и млечни производи се препорачува обезмастено млеко 1% мм, урда, јогурт. Не се препорачува: полномасно млеко, зрело, масно сирење, крем сирење со поголем процент на млечни масти.

Од зеленчук се препорачува варен и пасиран зеленчук како компир, спанаќ, блитва, моркови, млад грашок, млад грав, карфиол, брокула, тиквички, излупен домат. Не се препорачува пиперки, многу кисела зелка, краставици, кељ, модар патлиџан, конзервиран зеленчук, пржен компир, леќа.

Од овошје се препорачува сварено овошје, природни овошни сокови, овошно пире, банани. Не се препорачува: неизлупено, незрело и кисело овошје, грозје, конзервирано овошје.

Од маснотии дозволено е мала количина на сончогледово или маслиново масло, а не се препорачува свинска маст, мајонези, обично масло за готвење.

Од слатки се препорачува: бисквит, пудинг, ориз со млеко, мед. Не се препорачува пржено тесто како крофни и палачинки, колачи со ореви, афион, лешници и бадеми.

Од пијалаци се препорачува: нежни билни чаеви како камилица, равнец, нане, бел слез, лаванда, зелен чај. Не се препорачува: црн чај, црно кафе, пиво, ал-ко-хо-лни пијалаци, слатки, газирани пијалаци.

Друго се препорачува: разреден сок од лимон со вода, ловоров лист, лист од магдонос, сол и разреден јаболков оцет. Не се препорачува: кромид, лук, рен, алкохолен оцет, сенф, црвен пипер, црн пипер.

Диета за чир на желудник (улкус)

Понеделник

Појадок: чај од камилица, урда, банана, леб. Ручек: супа од зеленчук, варено говедско месо, пире со бешамел сос (незачинет), леб. Вечера: чорба од зеленчук или варен зеленчук, течен јогурт, леб.

Вторник

Појадок: чај од нане, мед, путер, леб. Ручек: супа од брокула, филе од мисирка, ориз, цвекло салата. Вечера: леб со малку сирење, пробиотик (јогурт).

Среда

Појадок: чај од камилица, јајце, двопек. Ручек: домашна пилешка супа со мешан зеленчук и леб. Вечера: овошје.

Четврток

Појадок: чај од мелиса, гриз со млеко со мала масленост. Ручек: зеленчукова супа, варено бело пилешко месо, варен компир со магдонос, салата со домати и леб. Вечера: Ориз, салата со морков.

Петок

Појадок: чај од нане, варено јајце, јаболков компот, леб. Ручек: супа од домати, варено филе од ослиќ, блитва варена со компири, леб. Вечера: супа со кнедли, јогурт.

Сабота

Појадок: чај од камилица, мед, путер, леб. Ручек: зеленчукова супа, салата со цвекло, варено пилешко месо. Вечера: супа со гриз и моркови.

Недела

Појадок: чај од нане. Ручек: пилешка супа/чорба со брокула, салата со домати. Вечера: компир чорба, морков, јаболков компот.

Забелешка: При оваа состојба, консултирајте се со лекар или нутриционист за начинот на исхрана. Диетата прикажана погоре се однесува на повеќе опции во денот. Па така, тоа што е дадено за оброк во одреден ден, искомбинирајте едно до две јадења, но не сите. При оваа состојба, болниот треба да внесува помала количина на храна, повеќепати во текот на денот. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска