Сезона е на настинки, ослабен имунитет, растечен нос, болно грло, кашлица, а слузта се слева низ грло…

Потребни состојки: 500 мл вода, 400 г шеќер (по можност кафеав, но може и обичен), 2 лимони (без кора), 2 лажици бел слез, 2 лажици цвет од камилица, 2 лажици жалфија и 1 парче ѓумбир колку палец од рака

Постапка: ѓумбирот излупете го и исечкајте го ситно. Лимонот измијте го убаво и со нож за лупење компири излупете му ја кората заедно со белиот слој под него. Плодот исечете го на четвртинки или поситно.

На оган ставете ја водата со шеќерот да зоврие заедно со лимонот, слезот, камилицата и исечканиот ѓумбир. Од моментот кога ќе зоврие намалете ја температурата за да се вари на многу тивко. Оставете така да се вари вкупно 45 минути, а потоа оставете да излади и процедете.

Добиениот сируп складирајте го во стаклена тегла со капак и чувајте го во фрижидер. Употреба: Се консумира трипати по една супена лажица пред секој од главните оброци. Веќе после првиот ден се чувствува големо олеснување. Се консумира додека постојат симптоми.

Сируп против кашлица кај деца и возрасни

Првиот рецепт ни го испрати наша редовна читателка. Рецептот е проверен и ефикасен, па запишете си го, да го имате за секој случај.

РЕЦЕПТ 1 Потребни состојки: 1 поголема главица кромид неизлупен, 4 ореви во лушпа поткршени, 4 чаши вода

Постапка: кромидот убаво се мие и се сече на 4 делови. Оревите исто така убаво се мијат, се поткршуваат, па заедно со кромидот се ставаат во вода да вријат околу 15-тина минути. Потоа се остава малку да излади, се процедува и се засладува по потреба со мед. Се пие во текот на целиот ден.

РЕЦЕПТ 2 Потребни состојки: 1 кромид излупен, 1 цело јаболко органско, неизлупено, 1 орев во лушпа, 3-4 чаши вода или по потреба

Постапка: една главица стар кромид, излупен, едно цело јаболко со лушпа (претходно измиено нели) и еден орев стар-убаво измиен и само накршен, напукнат (да не биде исчистен од тврдата обвивка). Сето тоа се вари 10-20 минути, да се добие темна течност, се процедува и се пие. Може да се додаде отпосле и малку мед.

РЕЦЕПТ 3 Потребни состојки: 300 мл вода, 1 лажичка сува жалфија или 1 гранче свежа

Постапка: откако ќе зоврие водата се става билката и се остава да врие точно 3 минути. Се процедува и се пие како чај.

РЕЦЕПТ 4 Потребни состојки: ½ лажичка жалфија, 1 шолја млеко, 1 лажичка свинска маст, ½ лажичка сода бикарбона

Постапка: половина лажичка жалфија се става во врело млеко и се остава да врие точно 3 минути. Потоа се додава лажичка свинска маст и половина лажичка соа бикарбона. Се пие свежо приготвено во мали голтки. Се препорачуваат три шолји дневно, додека трае кашлицата.

РЕЦЕПТ 5 Потребни состојки: 500 мл вода, 4-5 помали главици кромид, малку цимет, неколку ловорови листови

Постапка: главиците кромид измијте ги и заедно со лупшата, пресечени на поголеми парчиња ставете ги да вријат додека да остане третина од првобитната количина. Пред крајот од готвењето додадете неколку ловорови листови и малку цимет.

РЕЦЕПТ 6 Во половина литар вода ставете пет цели измиени ореви и накршени и три помали или две главици кромид, исто така претходно измиени и расечени, со лушпа. Варете додека водата да се намали на третина, процедете и пијте како чај. На кој не му се допаѓа, може да додаде и мед.

РЕЦЕПТ 7 Потребни состојки: 1 главица кромид, измиена и неизлупена, 7 суви карафинлчиња, 3 ореви (може и само јатки да бидат), 500 мл вода

Постапка: кромидот измијте го и исечете го на четвртинки, а во нив набоцкајте ги каранфилчињата. Ставете ги состојките да се варат околу 10 минути. Потоа оставете уште 5 минути на изгасена рингла. Процедете и пијте го топло. / Рецепт и фотографија на Адриан Лупса.