Иако многумина му се радуваат на викендот кога доаѓа крајот на напорната седмица, докторите предупредуваат на лошите ефекти кои може да ги предизвика долгото спиење преку викенд.

Истражувачите од шведскиот Институт Каролинска тврдат дека продолженото спиење во сабота и недела го пореметува природниот ритам на телото и прави да се чувствуваме уморно и исцрпено.

Психологот и истражувач Сузана Јернелов изјавила: „Тоа се случува делумно поради нашиот биолошки ритам, па кога спиеме до доцна, во нашиот организам се случува мало пореметување.“

„Ако во текот на неделата сме станувале рано, долгото спиење за време на викендот може да го промени вашиот биолошки ритам. Треба да се придржувате кон истиот ритам, што секако не важи за сите луѓе.“

Нејзиното тврдење го поддржал психологот Бјорн Бјорватин од Универзитетот Берген во Норвешка.

„За време на викендите треба да се оди на спиење и да се станува во исто, или барем приближно време како и во останатите денови. Ако станете во 12 часот за време викенд, или кога имате слободен ден, на вашиот ритам ќе му биде потребно некое време да се навикне.“

И покрај тоа што есента и зимата се годишни времиња кога најмногу сакаме да останеме во кревет, д-р Бјорватин наведува дека токму тоа е најважното време во годината кога треба да се придржуваме на нормалниот ритам на спиење, поради општата здравствена состојба.​

Ова не е првпат долгото спиење за време на викендот да биде критикувано од страна на медицинските експерти.

Студијата која минатата година беше објавена во списанието Клиничка ендокринологија и метаболизам го поврзува долгото спиење за време на викендите со зголемен ризик од дијабетес и срцеви заболувања.​

Истражувањето откри поврзаност помеѓу промените во должината на спиењето и промените во тестираните резултати од крвта, каде било забележано зголемено ниво на триглицериди и ниско ниво на „добриот“ холестерол.​

Во текот на студијата, оние кои го менувале ритамот на спиење за време на викендот биле изложени на поголем ризик од дебелеење.