Оваа пита е многу популарна во некои краишта и често се наоѓа на трпезите. Има повеќе варијанти за нејзино приготвување, а ние ќе ви претставиме две верзии, па вие одберете која повеќе ви одговара. Исто така, во оригиналните рецепти се користи сиров рендан компир, но кој сака, може да користи и претходно сварен.




Потребни состојки:  1,5 кг компир, половина чаша од 200 мл пченкарно брашно (најситно мелено), половина чаша бело пченично брашно, половина чаша масло, 2 јајца, половина кесичка прашок за печиво, сол и мелен црн пипер по вкус




Постапка: компирот измијте го, излупете го и изрендајте го. Во посебен сад измешајте ги печнкарното и пченичното брашно, па додајте им го и прашокот за печиво. Во садот со рендан компир додајте масло, сол и црн пипер, па добро измешајте.




Во ренданиот компир додајте две јајца, промешајте, и на крај додајте ја мешавината од брашно. Убаво изедначете ја смесата. Во тепсија со пречник од 34 см додајте една лажица масло и убаво намастете ја.




Тепсијата ставете ја во рерна и загрејте ја на 200 степени. Кога ќе забележите дека маслото е добро загреано, внимателно извадете ја тепсијата од рерна и во неа излејте ја смесата од компир.




Израмнете со лажицата и рамномерно распоредете ја смесата, па вратете во рерна да се пече околу 50 минути на 180 степени, сосека да добие златно жолта боја. Со претходното загревање на тепсијата со масло, се постигнува нелеплив ефект, па на тој начин питата нема да се залепи за дното. Следниот рецепт што ќе го прочитате е испратен од Сараево:




Потребни состојки: 2 јајца, 1,5 шолја млеко, 2 шолји брашно, 3 лажици масло, сол по вкус, 4 компири со средна големина (550 г). За прелив: половина шолја млеко, 2 лажици путер. За прилог: 1 шолја младо сирење, 1/2 шолја кисела павлака, сол и црн пипер по вкус. Величината на шолјата е 200 мл.




Постапка: изматете го тестото од јајца, млеко, брашно, масло и сол по вкус. Изедначете ја смесата која треба да биде нешто погуста од онаа за палачинки. Компирот измијте го, излупете го, изрендајте го на крупно ренде, па посолете го и зачинете го по вкус.




Во тестото додајте го ренданиот компир, па промешајте така да добиете што покомпактна смеса. Тепсијата намастете ја и набрашнете ја исто како кога печете пандишпан, па во неа излејте ја смесата и израмнете.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час. Пригответе го преливот: загрејте го млекото заедно со путерот, па кога ќе запени, тргнете го садот од оган.

Готовата пита кога е печена извадете ја од рерна, исечете ја на коцки, прелијте ја со приготвениот прелив од млеко и путер, па вратете ја во топлата рерна уште неколку минути. Потоа извадете ја питата, покријте ја со крпа и оставете ја 10-тина минути.




Оваа пита исто така може да се приготвува и со месо, на пример со батаци, така што претходно потребно е малку да се обарат, да се наредат во тепсијата и потоа да се прелијат со ова тесто.