Овој празник, познат како Бела сабота главно се празнува во Осоговија, Пијанец, Малешево, Ѓорноџумајско, Радовишки Шоплук и во некои соседни предели. Најчесто, на овој ден се избегнувало да се работи.
Во пределот Малешево, според Јеремије Павловиќ, саботата пред Ѓурѓовден ја празнувале за класот на житото да не бил штур, односно да не бил празен. Постоел и обичај за заштита од град, а се поврзува co овој празник.
Имено, кога ќе заврнело град, жените пред куќниот праг изнесувале сито, молејќи ја Бела Сабота, наречена уште и „Градова сестра”, градот да паѓа во „пуста гора”, во длабока вода, каде што немало петли, кокошки, волови и овци.
Слични верувања забележала и Ангелина Крстева во Радовишки Шоплук, каде што освен терминот „бела сабота” го користеле и терминот „Ѓурѓевска сабота” и овој ден го празнувале „за од град”.
И во Горноџумајско, во пиринскиот дел од Македонија, постоела извесна обредност во саботата пред Ѓурѓовден. Обично, пред изгрејсонце, жените и момите береле билки и ги закиснувале во котле со вода и притоа пееле песни.
Според верувањата за овој обред, дотаму до каде што се слушал гласот на жените и момите, дотаму немало да паѓа град, односно немало да „к’ца градушката“. По обредот, водата и билките ги носеле дома и со нив ја закрмувале стоката.
Bо Жеглигово, Кумановско, етнологот Велимир Николов забележал_песна посветена на „Бела Субота“. Имено, според песната, „Бела Субота“ била сестра на градот, односно „градева сестра“ и од неа се барало да го заштити полето од градот.
И во пределот Мариово, етнологот Љупчо Ристески забележал и ѓурѓовденска песна во која се спомнува Бела сабота како сестра на Ѓурѓовден. Според овој автор, станува збор за саботата пред Ѓурѓовден:
„Собрал се набрал тежок панаѓур,
По Велигдене, пред Ѓурѓовдене,
Ѓурѓева сестра, Бела Сабота,
Растреси поли, поли и коси над нашето поле,
Нашето поле чисто пречисто,
Како девојче дванаесетгодишно.”
Според Ристески, Бела Сабота во Мариово, персонифицирана како божество или како светица, имала исклучително заштитен карактер, но co истакнати каракеристики за плодност, што е специфично за женските божества поврзани со будењето на вегетацијата напролет и со плодноста на посевите.