Ова е светска недела на тироидната жлезда. Зошто оваа жлезда е најважна за функционирањето на целиот организам во „УранаК1“ на телевизијата К1 објаснија ендокринологот д-р Антонела Сабати Рајиќ и д-р Предраг Митровиќ, специјалист по гинекологија и акушерство.
„Тој елегантен орган во облик на пеперутка се наоѓа во основата на вратот и лачи три вида хормони: цитонин, тироксин и тријодотиронин, а многу често симптомите на болеста се маскираат со клинички слики кои се преклопуваат со некои други хронични заболувања.
Така што, за жал, пациентите кои имаат проблем со тироидната жлезда остануваат недијагностицирани повеќе недели и месеци, бидејќи се смета дека причината се други болести“, изјави д-р Сабати Рајиќ.
„Кај нас се проценува дека секој десетти жител има некаков проблем со тироидната жлезда, без разлика дали тоа е откриено или не. Симптомите кои се појавуваат секојдневно се: несоница, тремор, анксиозност, опаѓање на косата, покрај нормалниот апетит се забележува нарушување на телесната тежина, како и нарушување на менструалниот циклус.
Во секој случај, мораме да помислиме на нарушување на тироидната жлезда и лицето кое ги има ваквите симптоми да го тестираме за можно пореметување во функцијата на оваа жлезда. Докторката напомена дека честопати пациентите си мислат дека од некои други причини доаѓа до зголемување на нивната телесната тежина.
„Докторот во ординација мора да биде прецизен, важни се анамнестичките податоци, дали имало таква болест во семејството, не смееме да ги игнорираме опсервациите на пациентот. Се забележуваат и физички промени на вратот.
Ако тестовите за хормони се нормални, следниот чекор во дијагнозата е ултразвук. Таму може да се забележат промени во однос на јазлите, а потоа прибегнуваме кон ултразвучна биопсија“, рече таа и додаде:
„Посебно внимавајте на бојата на гласот. Ако обичната засипнатост трае невообичаено долго, ова е аларм за пациентот да посети ендокринолог и да направи преглед на тироидната жлезда. Како и кај сите болести, имаме генетски фактори, како и надворешни фактори на животната средина: стрес, пушење, употреба на разни лекови како литиум или амиодарон (лек за нарушувања на срцевиот ритам) и исхрана“.
Таа посочи дека pакот на тироидната жлезда е во пораст и дека е најчест каpцином во ендокринологијата, но со релативно ниска инциденца во однос на другите видови на pак. Се јавува кај популацијата на возраст од 20 до 65 години како специјално диференцирани карциноми кои практично се лекуваат во 90 проценти од случаите доколку се откријат навреме.
Д-р Предраг Митровиќ за К1 нагласи дека тироидната жлезда е „диригент во симфонискиот оркестар“.
„Тоа е органот кој најмногу влијае на работата на другите органи и системи, а соодветно на тоа има големо влијание врз функционирањето на женските репродуктивни органи, пред сè на функцијата на јајниците.
Со своето дејство може да ги наруши нормалните вредности на половите хормони кај жените и од тие причини да доведе до нарушување на менструалниот циклус, количина на кpв и изгледот на овие кpвавења. Тоа силно влијае на плодноста и е една од најголемите причини зошто ја испитуваме тироидната жлезда како дел од проверката на плодноста кај жените“.
Во повеќето случаи, зборуваме за клинички хипертироидизам.
„Знаеме дека во првиот триместар тироидната жлезда кај фетусот сè уште не е развиена, така што практично функцијата што тироидната жлезда ја има кај фетусот се обезбедува само врз основа на хормоните кои постојат во циркулацијата на мајката. Она што не смее да се занемари е дека тироидните хормони влијаат на развојот на феталниот мозок“, вели д-р Митровиќ.
Доколку вредностите се несоодветни во првиот триместар, д-р Митровиќ предупредува дека може да има сериозни последици. „Во однос на ментална ретардација, намалени индивидуални моторни или когнитивни капацитети кај новородено дете или возрасен.
Наша обврска е на самиот почеток на бременоста да го процениме ризикот од нешто што не е во ред со тироидната жлезда, веднаш да реагираме и да ја следиме состојбата на тироидната жлезда за време на бременоста во соработка со ендокринолог кој ги следи ваквите состојби во текот на целата бременост“, заклучи д-р Митровиќ. Емисијата со лекарите можете да ја погледнете ОВДЕ.