Оваа лисната погача ќе ве воодушеви со мекиот и воздушест вкус, но и со неверојатно лесната подготовка. Рецептот е наменет за сите, дури и за почетници. Откога ќе го совладате тестото, погачата ќе можете да ја правите и во други форми. Ова е рецепт за памук погача, а тестото се премачкува со путер и станува уште полиснато и повкусно. Погачата е мека како душа, откога ја направив дома, не можеме да се наситиме од неа. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700-750 г брашно, 1 лажичка шеќер, 30 г свеж квасец, 1 јајце, 70 мл масло, 180 г кисело млеко, 200 мл вода, 1 рамна лажица сол, 1 јајце за премачкување на тестото и сусам за наросување и декорирање на погачата. Лиснатата погача може да ја декорирате и со црн сусам, ким или други семки. Уште ќе ви биде потребно и путер/маргарин за премачкување на тестото.




ПОСТАПКА: Подгответе си подлабок сад каде што ќе го замесувате тестото и веднаш во него истурете 700 г брашно. На средина, направете вдлабнатина и во неа сипете 1 лажица шеќер, 30/35 г свеж квасец и 200 мл топла вода. Квасецот растопете го во топлата вода со малку од брашното, односно издробете го со рака. Оставете на топло место 10-тина минути додека да се активира.




Убаво соединете ги состојките во вдлабнатината, а потоа на средина додајте 1 јајце и со виљушка малку разматете го. Додајте една помала чаша кисело млеко (180 г) и 70-80 мл масло. Не заборавајте да додадете една рамна лажица сол. Соединете ги енергично сите состојки. Најпрво мешајте со лажица/шпатула, постепено додавајќи си од брашното од страните, а потоа замесете со рака на маса, додека да добиете убаво и еластично тесто со средна цврстина кое не се лепи на рака.




Покријте го тестото и оставете го да стасува околу 30 минути до 1 час, а ако имате време, може да го оставите и повеќе. Доколку немате време, доволно е тестото да го оставите да отстои околу половина час, колку само да се надигне. Потоа, префрлете го на намастена работна површина и замесете го уште малку за од него да излезе насобраниот воздух. Поделете го тестото на еден поголем дел (2/3) и еден помал (1/3).




Намастете ги двете теста и поголемиот дел ставете го настрана, покриен под фолија. Земете го помалиот дел од тестото, развлечете го тестото со оклагија во правоаголен облик, колку што можете повеќе. Премачкајте го тестото со растопен путер, низ целата кора, а потоа со нож исечете го на следниот начин: Измерете си 1 см одозгора и 1 см одоздола, од поголемата страна на правоаголникот, па од таму направете резови (значи последниот сантиметар не го сечете од двете страни). Исечете на помали траки – резови.




Откога ќе ги исечете траките, започнете да го виткате тестото спирално, почнувајќи од некој од долните рабови. Ролатот завиткајте го во круг, како полжав и префрлете го во намастен плех, ставајќи го на средина од плехот. На истиот начин развлечете го и второто тесто и кога ќе го завиткате како ролат, ставете го во плехот, почнувајќи онаму каде што завршува помалото тесто.




Вака подготвената погача оставете погачата да надојде околу половина час. Не мора да ја покривате бидејќи е целата масна. Откога погачата ќе нарасне во плехот, премачкајте ја со 1 жолчка (може да измешате 1-2 лажици млеко, но не е задолжително). Преку погачата наросете семки по ваш избор, на пример сусам, лен, ким…




Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, па кога ќе се загрее ставете ја лиснатата погача да се испече. По 10-тина минути печење, намалете ја температурата на рерната на 180 степени и допечете уште 30 минути. На половина од печењето, наквасете една хартија за печење со вода и ставете врз погачата, за да не ви загори. Јас вкупно ја печев 45 минути.

По печењето, погачата се премачкува со малку путер и се остава да го впие околу 10 минути. Потоа, може да ја послужите додека е топла. Деталите погледнете ги ОВДЕ.