Оваа пита се приготвува речиси во секој крај од Македонија и во зависност од поднебјето си има и различно име.
Најпозната е под името „Сеченица“ и најчесто се филува со сирење или блитва, а овојпат ќе ви го претставиме рецептот на Јуле Божиновски, која детално и преку фотографии ја има објаснето постапката.
„Сеченицата“ е стара македонска пита која се развлекува па се сече и затоа го добила ова име „сеченица“.
Јас пораснав со вакви пити кои ги правеше мојата баба од татко, солени и слатки, а овојпат ќе ви покажам како јас ја приготвувам со блитва“, објаснува Јуле.
„Вие може да ја приготвите со што сакате, со спанаќ, со сирење, со џимиринки/чварки… Тестото е доста добро за работа, а кога ќе се испече, е дури тогаш настанува вистинска магија“. Еве го рецептот:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г бело брашно, 40 г свеж квасец (1 коцка), 3 супени лажици шеќер, 1 супена лажица сол, 100 мл масло, околу 400 мл вода по потреба.
ЗА ФИЛ: 1 кг блитва, 1 главица кромид, 200 г кајмак, 3 јајца, малку масло и околу 150 мл масло за прскање на корите
За филот најпрво пропржете го ситно исечканиот кромид, па додајте ја ситно сечканата блитва и динстајте додека да омекне.
Тргнете на страна да се олади а потоа додајте го кајмакот или сирењето, јајцата и зачините по вкус. Филот поделете го на 4 дела.
ПОСТАПКА: Во еден сад изронете го квасецот, додајте една лажица шеќер и една лажица брашно, па растворете ги состојките со млака вода. Добро изматете и оставете 10-тина минути на топло место додека квасецот да се активира и запени.
Во подлабок сад истурете го брашното и во средината направете вдлабнување, па тука истурете го остатокот од шеќерот, маслото и активираниот квасец, а околу во брашното наросете ја солта.
Со постепено додавање на водата замесете средно меко тесто. Тестото месете го додека да стане комапктно. Оставете го 10-тина минути да одмори, а потоа домесете го убаво додека да стане мазно и да не се лепи за раце.
Покријте го со кеса или стреч-проѕирна фолија и оставете го да стасува во топла просторија без провев додека да го удвои волуменот (од 40 минути до 1 час).
Тестото истресете го на набрашнета работна површина, малку премесете го и поделете го на десет приближно еднакви топчиња. Секое топче со помош на оклагија развлечете го во тркалезна кора со големина на десертна чинија.
Земете 4 кори и малку намастете ги, па наредете ги една врз друга. Последната кора не ја премачкувајте со масло.
Од овие 4 кори развлечете една голема кора и ставете ја на дното од намастена тепсија бр.36. Одозгора испрскајте ја со масло.
Развлечете нова кора (само една), да биде потенка и малку поголема од тепсијата. Префрлете ја на оклагијата и со нишање лево-десно спуштете ја врз првата кора, така да се формираат набори.
Врз оваа кора распоредете една четвртина од приготвениот фил. Потоа на ист начин развлечете ја следната кора, наредете четвртина фил, а после секое ставање на кора, истата се прска со масло.
Осмата кора е последната кора се покрива со фил. Последните две кори само се редат и се прскаат со масло.
Вака наредената пита се сече на коцки (најлесно со секач за пици ако имате) сè до дното на тепсијата.
Со силиконска шпатула се потпикнуваат крајчињата на корите за да не излегува филот, но и за да изгледа питата убаво. Одозгора се прска со масло и се остава 20 минути на топло.
Се пече околу 40 минути во добро загреана рерна на 200 степени, а некаде 10-тина минути пред крајот се прска или се премачкува со мешавина од масло и вода.
Неколку минути пред крај се повторува постапката со прскањето/мачкањето и се враќа во исклучена рерна. Се остава уште некоја минута, па се вади од рерна и се остава непокриена да подизлади пред послужување.