Традиционален зелник на домашен начин: Мек однатре, крцкав одозгора
Домашниот зелник е едно од оние јадења што секогаш потсетуваат на топол дом, семејна трпеза и традиционална кујна.
Оваа тенка пита со рачно тегнати кори е крцкава однадвор, а мека и сочна однатре благодарение на спанаќот и сирењето.
Рецептот не бара посебни состојки, а техниката на виткање и тегнење на тестото овозможува да добиете тенки слоеви слични на лиснато тесто.
Совршен избор за појадок, лесен ручек или вечера, особено кога се служи со кисело млеко или цврст јогурт, пишува НМД. Еве што ви е потребно:


Потребни состојки
За тестото:
* 300 мл вода
* 1 лажичка сол
* 360-380 г брашно + за домесување
* масло (или мешавина од масло и растопен путер/маргарин) по потреба
За филот:
* 700 г спанаќ
* сол по вкус
* малку масло
* сирење по вкус
* НМД
За премачкување:
* путер или маргарин за тепсијата


Постапка
Во длабок сад сипете ги водата и солта, па постепено додајте го брашното. Замесете средно меко тесто. Откако тестото ќе стане компактно, префрлете го на работна површина и месете го околу 5-6 минути, додека да стане мазно и еластично.
Покријте го тестото и оставете го да одмори 20 минути. Потоа поделете го на 2 еднакви топки.
На лесно набрашнета површина со оклагија развлечете ја првата топка во поголема кора. Премачкајте ја со масло по целата површина.
Здиплете ја како лиснато тесто: прво преклопете една третина од кората, потоа другата страна, за да добиете долгнавест правоаголник од три слоја. Секој нов слој премачкајте го со масло.
Потоа преклопете ја кората како книга – од едната и од другата страна кон средината, па преклопете ги деловите за да добиете компактна коцка.
Ставете ја во намастена чинија и премачкајте ја одозгора со масло за да не се суши. Истата постапка повторете ја и со втората топка тесто.
Спанаќот измијте го, исечкајте го и посолете го. Со раце нежно изгмечете го за да омекне, па додајте малку масло.
Тепсијата од рерна премачкајте ја со путер или маргарин.
Извадете ја првата коцка тесто на работна површина и нежно притиснете ја со рацете. Полека започнете да ја тегнете од сите страни за слоевите да се соединат. Истото направете го и со второто тесто. Оставете ги да одморат околу 10 минути.
Потоа внимателно тегнете ја првата кора додека да се рашири според димензиите на тепсијата. Распоредете го спанаќот, сипете уште малку масло и додајте издробено сирење.
Одозгора поставете ја втората кора и со штипкање затворете ги рабовите за филот да остане внатре.
Печете во претходно загреана рерна на 220 степени околу 25 минути, додека зелникот да добие златнокафеава и крцкава кора.
Исечете го на коцки и послужете го топол со кисело млеко.
Совети за совршен зелник
* За уште покрцкава кора, пред печење премачкајте ја питата со малку масло.
* Комбинацијата од спанаќ и сирење е одличен избор за хранлив семеен оброк богат со природни состојки.
* Домашните рачно тегнати кори се подобра и повкусна алтернатива од готовите кори.
* Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:




































