Пита со сирење како од пекарница – рецепт со готови кори, јогурт и газирана вода
Доколку сакате домашна пита со сирење која ќе биде крцкава како од пекарница, а истовремено мека и сочна однатре, овој рецепт вреди да се најде во вашата тетратка со омилени рецепти.
Тајната е во едноставниот прелив од масло, јогурт и газирана минерална вода, кој им дава на корите прекрасна текстура и богат вкус.
Ова е одличен избор за појадок, лесен ручек или вечера, а подготовката е брза и едноставна дури и за почетници, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки
За филот
* 3 јајца
* 100 мл масло
* 100 мл јогурт
* 1 рамна лажичка прашок за печиво
* 500 г сирење
* 1 рамна лажичка сол
За преливот
* 100 мл масло
* 200 мл газирана минерална вода
* 3 лажици јогурт
Дополнително
* 500 г готови кори за пита
* малку масло за премачкување


Постапка
Во поголем сад изматете ги јајцата со жица. Додајте ги маслото, јогуртот и прашокот за печиво, па измешајте додека смесата не се изедначи.
Додајте го издробеното сирење и солта, па повторно промешајте за да добиете компактен фил.
Во посебен сад подгответе го преливот. Соединете ги маслото, газираната минерална вода и јогуртот и мешајте кратко додека состојките не се поврзат.
Обложете плех со хартија за печење.
Одвојте една кора и лесно премачкајте ја со преливот. Превиткајте ја на половина, па распоредете околу 3 лажици од филот по целата површина.
Краевите од пократките страни малку подвиткајте ги навнатре за филот да не истекува при печењето, а потоа свиткајте ролат.
Постапката повторете ја со останатите кори и наредете ги ролатите во плехот.
Одозгора премачкајте ги со малку масло за дополнителна крцкавост.
Загрејте ја рерната на 210 степени. Ставете ја питата да се пече, веднаш намалете ја температурата на 200 степени и продолжете со печење околу 25 минути, или додека добие убава златнорумена боја.
Откако ќе ја извадите од рерна, лесно испрскајте ја со малку вода и покријте ја со чиста кујнска крпа.
На овој начин ќе добиете пита која останува крцкава однадвор, а мека и сочна однатре – токму како онаа што ја паметиме од добрите пекарници.
Добар апетит!
Постапката можете да ја погледнете во видео прилогот ОВДЕ:





































