Во филот се користат бисквити, може да користите петит или плазма или некои по ваш вкус. Исто така, се користи 250 г путер, но може да се стави и 200 г.

Потребни состојки:

6 јајца
6 лажици шеќер
120 г брашно
2 лажици вода
½ прашок за печиво

За фил:

200 г мелени ореви
150 г мелени бисквити
100 г шеќер во прав
100 мл провриено млеко
1 портокал – сок
250 г путер
4 жолчки
50 г шеќер во прав

За шлаг:

4 белки
4 лажици шеќер

за глазура:

100 г црно чоколадо
2-3 лажици масло

Постапка:

Изматете ги добро јајцата и шеќерот. Додадете брашно, 2 лажици вода и половина прашок за печиво. Ставете да се пече во загреана рерна на 190 степени околу 15-18 минути. Оставете го колачот/бисквитот целосно да излади.

Сомелете ги оревите и бисквитите. Исцедете го портокалот. Ставете да зоврие 100 мл млеко. Потоа зовриеното млеко полијте го врз мелените ореви. Измешајте а потоа додадете ги мелените бисквити, шеќерот во прав и сокот од портокал. Оставете ја смесата на страна.

Изматете ги жолчките и оставете ги на страна. Ставете го путерот на тивок оган, додека целосно да се растопи, па тргнете го од рингла, додадете ги изматените жолчки и шеќерот, па вратете ја повторно смесата да зоврие со постојано мешање. Врелата смеса од путер излејте ја во смесата од ореви и бисквити. Добро промешајте.

Готовиот фил нанесете го врз ладниот бисквит.

На пареа изматете ги белките (матете ги во сад кој сте го поставиле врз вода која врие) и постепено додавајте го шеќерот. Матете додека да добиете цврст снег од белки во кој шеќерот е растопен. Вака добиениот шлаг нанесете го врз филот, а одозгора прелијте со чоколадна глазура.