Многу вкусен и декоративен куглоф. Се приготвува многу едноставно и брзо, а има неодолив вкус. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки: 200 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 1 супена лажица какао во прав, 80 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 прстофат сол, 1 јајце и 100 г омекнат путер.

За фил: 150 г растопен путер, 750 г крем сирење, 200 г шеќер во прав, 1 кесичка пудинг од ванила (40 г), 3 јајца, 2 лимони – рендана кора, 1 лажица какао во прав. За глазура: 50 г бело чоколадо, 1 лажица масло и 50 г млечно или црно чоколадо по избор

Постапка: просејте го брашното и змешајте го со прашокот за печиво, а другите состојки додавајте ги по ред и мешајте со миксер. Треба да добиете мазно и меко тесто.

Завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го да отстои околу 40 минути во фрижидер. Потоа извадете го и обликувајте го како ролат, па како прстен. Ставете го во намастен калап (26 см) и втиснете го во него во висина од 5 см.

Растопете путер и разладете го. Изматете го крем сирењето со шеќерот, правот од пудинг, јајцата, путерот и ситно ренданата кора од лимон. Треба да добиете еднолична смеса.

Околу 2/3 од смесата префрлете во калап. Просејте го какаото и додајте го во преостанатата 1/3 од смесата. Темниот дел излејте го врз светлиот и повлечете со дршка од лажица како спирала низ двата слоја за да добиете мраморен ефект.

Ставете да се пече на долното ниво во загреана рерна на 170 степени, околу 60 минути. Оставете го колачот во калапот со исклучена рерна уште 15 минути.

Ако е потребно, колачот одвојте го од рабовите со нож и ставете го (превртете го) на тацна за торти.

Искршете го белото чоколадо и со малку масло растопете го на пареа, па прелијте како глазура врз колачот. Чоколадо по ваш избор (млечно или темно) изрендајте одозгора.