Ова е еден старински колач со многу добар вкус и мирис на мед, цимет, ореви и сок од лимон. За сите љубители на сочни колачи, овој со мед и лимон сигурно ќе им се допадне.

Потребни состојки: 4 јајца, 100 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 4 лажички мед, 4 лажици лебни трошки, 4 лажици меко брашно, 4 лажици гриз, ½ прашок за печиво, 200 г мелени ореви (може половина да бидат сечкани), 1 лажичка цимет во прав и 1 лимон – кора и лимон

За прелив: 100 г мед, 150 мл вода, 1 лимон – сок и 1 ванилин шеќер. Постапка: Пенасто изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер. Во светлата пенаста мешавина додадете мелени ореви, мед, трошки, брашно и гриз со прашок за печиво, цимет, сок и рендана кора од еден лимон.

Убаво промешајте, па внимателно додадете го сврсто изматениот снег од белки (додадете еден прстофат сол кога ќе ги матите белките). Смесата убаво со лажица измешајте ја внимателно за да остане воздушеста. Потоа излејте ја во помал калап кој претходно сте го намастиле со путер и малку набрашниле.

Колачот печете го 45 минути на тивог оган (160-170 степени). Печениот колач извадете го да излади. Треба да биде млак кога ќе се прелие со топлиот прелив од мед и лимон. За прелив: на тивок оган ставете го медот со водата и мешајте додека да се растопи медот, па додадете ја ванилата и лимоновиот сок.

За подобро да го впие колачот топлиот сируп, претходно избоцкајте со чепкалка на неколку места. По желба можете да го украсите со мелени ореви. Исто така, кога ќе го послужувате колачот, можете дополнително врз секоја коцка да ставете 1-2 лажици мешавина од мед и сок од лимон и да ставите една јатка орев.