Испуканите усни се непријатен проблем што треба да се реши веднаш штом се појави. Грубиот пилинг на усните може да биде многу иритирачки и да предизвика кр-вавење.

Причината за испукани усни може да биде ниска влажност, ветер или ниски температури. Покрај надворешните фактори, на пукањето на усните може да влијаат и некои здравствени проблеми и слабата хидринаност, односно недоволно пиење на вода.

Освен фактот дека косата и кожата се сушат во зима, истото се случува и со нашите усни. Фактот што не внесуваме доволно минерали и витамини, влијае на пукањето на усните, а одредени состојки што ги има во кармините може да предизвикаат алергија и да предизвикаат дополнително сушење на усните. Алергиите може да се појават и од одредена храна, но исто така и од лекови или паста за заби.

Сигурно се прашувате на што можете да бидете алергични, кога истите производи за нега на кожата ги користите во лето и во зима? Кога кармините или пастата за заби ќе дојдат во контакт со ладен и сув воздух, состојките во во нив како што се гуајазулен и натриум лаурил сулфат можат да доведат до зголемена сувост на усните.

Усните немаат лојни жлезди, како што е случај со другите делови од телото, така што нашето тело не лачи есенцијални масла на овој нежен дел од усните. Усните се покриени само со тенок слој вермилион и од таа причина можат лесно да се исушат, многу побрзо од кој било друг дел од телото.

Кога усните се испукани, избегнувајте да ги иритирате. Додека не се обнови епителот на усните, треба да избегнувате пиење алкохол и кисели сокови од цитрусни овошја. Киселата и солена храна исто така ќе ве иритира и ќе имате чувство на печење на усните.

Испукани усни од ветер

Ветерот е непријател на вашите усни, па затоа и лесно пукаат веднаш штом ќе излезете. Дури и дома, воздухот во становите и куќите е прилично сув и може подеднакво да влијае врз усните, исто како и ветерот.

Што да користите за испукани усни кога излегувате надвор, но исто така и кога седите дома во зимските денови?

Најдобро би било секогаш да имате вазелин за усни или мевлем од кантарион. Изберете производи кои се повеќе масни, бидејќи тие ќе се задржат на вашите усни подолго, а доволно е да ги нанесувате на усните неколку пати на ден за да ги одржите хидрирани. Вечерта, пред спиење, треба да направите благ пилинг за усни.

Пилинг за усни

Како и со другите делови на кожата, мртвите клетки се акумулираат во текот на денот и треба да се отстранат. Поради различни фактори, усните се сушат, пукаат и на нив се формираат мртви клетки кои можете да ги отстраните со едноставен нежен пилинг, за да бидат секогаш здрави и меки.

Ако претходно не сте правеле пилинг за усни, време е да започнете, и правете го редовно. Еве зошто!

На усните им треба обновување и хидратација, а пилингот ќе ви помогне да ги направите усните помеки. Со помош на пилинг може да ги направите и усните пополни, бидејќи ќе ја забрзате циркулацијата. Можете да користите стара четка за заби за триење, но би било пожелно да биде мека четката, затоа што не треба да направите дополнителна штета на усните.

Можете лесно да направите пилинг од мед и шеќер. Измешајте мала количина од шеќер и мед што ви е потребна за усните, а потоа масирајте со четка. Масажата треба да се одвива со лесни движења во правец лево – десно и кружни движења.

Потоа оставете смесата да делува на усните 5 минути, а по изминатото време исплакнете ги усните со вода и нанесете маст. Пилинг за усни можете да направите кога и да имате време, а еднаш во денот е најидеално за справување со мртвата кожа и испуканите усни. Усните ќе бидат поубави и на овој начин ќе ги заштитите од пукање.

Испукани усни во бременоста

Жените во бременоста имаат проблем со покачено ниво на хормони кои доведуваат до отекување на усните, но исто така и до сувост, па дури и пукање. За време на бременоста треба да бидете претпазливи за тоа какви производи користите, а природните мевлеми се погодни за оваа доба од животот.

Медот може да ви помогне и во овој случај, со тоа што ќе го намачкате неколку пати во текот на денот и ќе оставите да се впие, а после еден до два часа повторно нанесете. Медот ќе го забрза процесот на заздравување на усните, а пукањето и сувоста ќе се намалат.

Сепак, сувите усни можат да бидат знак дека зголемена количина на шеќер е присутна во телото, а тоа треба да го провери лекар. Дехидрираноста како резултат на често повраќање може многу да влијае на пукање на усните. Цигарите треба целосно да се избегнуваат, бидејќи тие можат само да го засилат чувството на суви усни.

Испукани усни на аглите

Кога зборуваме за испукани усни само во пределот на аглите, станува збор за хелитис. Овој феномен може да биде болен и тоа не е едноставно пукање на усните од ветер или студ, туку состојба што треба да ја третира стручно лице.

Нанесувањето навлажнувачки крем во овој случај не е најдобро решение, бидејќи оваа состојба не е предизвикана од сувост. Ако станува збор за хелитис, ќе почувствувате чувство на печење, рабовите на усните ќе ве чешаат и ќе се појави црвенило.

На тие делови на усните можат да се појават красти и се препорачува да не се допираат. Сепак, само отворање на усната може да ја повреди крастата и да предизвика пукање и кр-вавење. Оваа состојба може да трае со месеци, бидејќи усната во тој дел не може правилно да заздрави и да се обнови.

Важно е да знаете дека хелитисот не е заразен и не можете да го пренесувате на други лица. Оваа безопасна состојба може да биде непријатна и болна само за вас, но лекарите препишуваат масти кои ги уништуваат габите, како што се нистатин или клотримазол. Ако оваа состојба е посложена, ќе ви препишат лекови.

Она што ви е забрането во овој случај, и ќе ви биде тешко, е да ги допирате аглите на усните. Со допирање може само да направите поголема штетам, да го одложите заздравувањето и ќе ја влошите состојбата на усните.

Се препорачува да не се шминкате на устата и да бидете внимателни со храната, за да не предизвикате дополнителни иритации. Хелитисот се појавува и како последица на ослабен имунитет, како и недостаток на витамин Б12 или железо или после некоја исцрпувачка болест.

Лек за испукани усни

Првото златно правило е редовно да користите нежен пилинг. Основата може да биде масло (кокос, шеа путер), а ако немате друга нежна абразивна состојка, шеќерот секогаш ќе ви биде од корист. Можете да направите било каков пилинг за усни дома. Кога воздухот е сув, треба да го направите влажен, за да не страдаат усните.

Растенијата и свеќите можат да го решат овој проблем. Набавете свеќи во собата и воздухот во просторијата повеќе нема да биде сув. На радијаторите можете да чувате керамички садови со вода, што исто така ќе овозможи влажноста на воздухот да биде нормална.

При избор на мевлем за усни, изберете го оној со церамиди, бидејќи тие му помагаат на телото природно да го обнови заштитниот слој. Мелем за усни е задолжителен кога ќе се појави каква било штета на нежната кожа.

Треба да го користите што е можно почесто ако усните се испукани и суви, но и кога ќе заздрават, само од причина што пукањето на усните нема да се повтори. Природниот заштитен слој може да се оштети поради временски услови, алергии, храна, лекови или несоодветни кармини.

Какао путерот исто така се препорачува како лек за испукани усни. Тој делува директно на испуканите усни и ќе помога да се обноват. Нанесете го неколку пати на ден и ќе видите како устата ќе стане помека, а сувата кожа ќе исчезне за неколку часа.

Вазелинот е дефинитивно најдобрата природна маст во зимските денови. Усните ќе ви бидат помеки веднаш по нанесувањето на вазелинот. Оваа маст помага и во лекување на сувите раце и проблеми со кожата.

Тајната е во состојките. Состојките како глицерин и хијалуронска киселина ги сушат побрзо усните, бидејќи тие ја извлекуваат влагата што им е потребна на усните. Овие состојки се вообичаени во многу козметички производи и се добри за кожата, но кога веќе имате испукани усни, тогаш тие не се најдоброто решение за вас.

Друго важно правило е да не ги подгризнувате усните кога сте нервозни. Оваа навика може да доведе до пукање, болка и појава на красти. По некое време ќе биде невозможно да се нашминкате и ќе се чувствувате како да ви пука устата. За да не се случи тоа, грижете се за усните, негувајте ги во текот на целата година и заштитете ги од студ, сонце и сув воздух.

Сокот од морков е корисен во омекнувањето на усните. Доволно е да изблендирате еден морков, со малку вода и кокосово масло, а во текот на целиот ден смесата да ја нанесувате на усните.

Навечер, усните може да ги премачкувате со мешавина од мед, краставица или сок од морков. Како во претходната постапка, изблендирајте ги краставицата и морков и измешајте ги со една лажичка мед. Мачкајте во текот на вечерта, а наутро исплакнете.

Свежо рендано пире од јаболка измешано со путер помага во лекувањето на гребнатинки и пукнатини на усните и аглите.

Ако на усните се појават црвени дамки, препорачливо е да ги триете усните со чај од ленено семе (истурете 2 лажици ленено семе со чаша вода и варете додека не добиете густа смеса).

Ако вашите усни често се суви, престанете да користите кармини и користете лабело или масен крем во текот на денот, а навечер ставете маст од цинк, која се меша со иста количина на масло од невен. Запамтете дека грижата на треба да се пружа секој ден, не само кога ќе се појави проблем. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.