Косата е еден од главните украси на секоја жена и вечен извор на инспирација. Но, и проблеми. За среќа, денешницата ни нуди голем избор на козметички производи за одржување на сјајот и убавината на косата, но дали некогаш сте се запрашале дали има разлика кога ја миеме косата, наутро или навечер?

Просечно косата треба да се мие на секои три дена, но ова секако варира индивидуално според типот на коса. Миењето на косата за некои е голем потфат затоа што бара многу време за стилизирање или бавно се суши поради густината, но новите истражувања велат дека не е исто дали косата ја миеме наутро или навечер.

Можеби не сте размислувале за тоа досега, но сега е вистинското време да обратите внимание на тоа како изгледа вашата коса наутро откако сте ја измиле претходната вечер. Веројатно ќе забележите дека косата е малку измрсена после спиење, без оглед на тоа што сте ја измиле пред само неколку часа. Косата не е валкана, но нема волумен и текстура, што дава изглед на безживотна коса.

Кога ја миеме косата навечер, обично одиме во кревет веднаш потоа, а во тој случај косата нема доволно време да се исуши темелно сама по себе, така што со легнување на перницата, таа дополнително се притиска и се губи волуменот, па наутро во сиот хаос од брзање треба да одвоите драгоцено време за да го повратите својот вистински изглед.

Кога ја миете косата наутро или попладне, косата ќе изгледа поинаку бидејќи таа ќе биде слободно пуштена и ќе има доволно време за целосно и темелно сушење, без оглед на тоа што сте користеле фен за коса. После сушењето со фен, косата сè уште не е целосно сува, иако така ни се чини. Ако сè уште немате време да го изведувате овој ритуал наутро, не ја потпирајте главата на перницата половина час до еден час по вечерното бањање.

Како да го одржите здравиот изглед на косата во престојните сончеви денови? – Мијте ја косата поретко

Честото миење со шампони ги отстранува природните масла кои ја штитат косата, а тоа има спротивен ефект – нашиот скалп почнува да произведува дополнителни маснотии кои ја мрсат косата. Тоа е затворен круг – колку почесто го миете, толку  косата станува помрсна. Мијте ја косата со шампон секој трет ден, дури и ако се капете во море или езеро само исплакнете ја со обична вода.

Косата има потреба од УВ заштита

УВ – заштитатните лосиони се многу важни не само во заштитата на кожата, туку и на косата. При подолго изложување на косата на сонце, УВА и УВБ зраците ги оштетуваат заштитните кутикули на влакното. – вели американскиот д-р Вилма Бергфелд.

Оштетувањето на косата од сонце може да ја промени бојата на косата и да ја направи сува и кршлива со расцветани краеви. Затоа, кога ставате лосион за сончање на вашето тело, поминете со прстите на рацете низ косата како чешел. На тој начин таа ќе биде заштитена. Постојат и многу козметички спрејови за заштита на косата кои содржат фактор.

Носете шешири и марами

На најсилното сонце, секогаш носете шешир или марама на главата. Не само што ќе ја заштити вашата коса од УВ зраците, туку исто така помага и во хидрирање на вашиот скалп. Капите за глава исто така ја намалуваат штетата што сонцето ја прави на вашата коса.

Насочете се кон природна нега

Во летните денови не се препорачува да користите секакви козметички продукти. Доволно е да користите загреано маслиново или кокосово масло во мала количина. Нанесете го по миење на влажна коса во вид на блага масажа со јагодиците на прстите и оставете го да делува 15-30 минути, а потоа темелно исплакнете.

Не ја стискај, влечи и скуби

Влажната коса е склона на кршење, затоа не ја врзувајте во тесна пунџа. За време на сончевите денови, најдобар избор е лесно врзана плетенка.

Избегнувајте го фенот 

Косата за време на летните денови е веќе изложена на голема количина топол воздух, па дополнителната топлина од фенот може дополнително да ја уништи. Природното сушење е благодет за косата. Избегнувајте пеглање и фигаро.

Бидете внимателни со четкањето

Влажната коса е покршлива отколку сувата коса, затоа изберете четка со широки запци која нема да предизвика дополнителна штета или исчешлајте ја косата откога ќе се исуши темелно.

Секогаш користете регенератор

Ако сакате да пробате природен регенератор, исплакнете ја косата со јаболков оцет, разреден со вода. Одличен третман за коса е и примена на регенератор кој не се исплакнува пред да заминете на плажа.

Избегнувајте го хлорот

Русата коса, особено онаа што е фарбана, може да добие зеленикав сјај од хлорот кој го има во базените. За да го избегнете ова, откако ќе се искапете во базенот, измијте ја косата со јаболков оцет (измешајте 1/4 чаши јаболков оцет и 2 чаши вода). Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.