Можеби навидум подготовката на домашен бурек изгледа комплицирано и се чини дека не вреди да се прави дома, па затоа повеќето посегнуваат да си купат четвртина парче бурек од пекарница. Во секој случај, топлината на домашниот бурек и неговиот вкус на домашно е стопати подобар од оној од бурекчилница.




Она што е најдоброто кај поновите рецепти,  е што за домашен бурек не мора да месите тесто за кори, туку едноставно може да користите квалитетни готови кори и да јадете бурек кој буквално е готов за помалку од 1 час, сосе печењето. Целата подготовка одзема околу 15-тина минути, а потоа само се става на печење. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за пита, 1 кг излупен компир, 2 главици кромид, 200-250 мл масло, 200 мл минерална вода (1 чаша), сол, црн пипер, црвена зачинска блага или лута црвена пиперка. За филот може да додавате и други состојки како кашкавал, мелено месо, сирење итн..




ПОСТАПКА: Компирот излупете го под млаз ладна вода, излупете го и изрендајте го на најкрупната страна од рендето. Кромидот излупете го и сомелете го во блендер додека да стане кашест или ситно исечкајте го, колку повеќе можете.




Соединете ги компирите со кромитчињата, па во состојките додајте 200 мл масло (1 чаша) и зачинете по вкус со црн пипер, слатка и лута, црвена зачинска пиперка, од сите зачини по 1 лажичка и сол ставете 2 лажички.




Измешајте ги состојките фино додека да се соединат, па земете еден кружен плех (тепсија) и намастете го дното и страните со помош на кујнска четкичка. Ставете 4 кори на дното од тепсијата, така што секоја кора ја ставате од различна страна на плехот, со една третина од кората, додека другите две третини треба да бидат надвор од плехот.




Кога ќе го направите тоа, на средина ставете 2 кори, згужвани и скинати на неколку парчиња. Корите на средина се наквасуваат со малку минерална вода, па се распоредува малку од филот. Потоа се продолжува истиот начин на распоредување по две кори на средина, малку минерална вода и фил, додека да ви остане 1-2 кори и да го потрошите филот.




Со последната кора преклопете ја целата внатрешност на тепсијата, како да ја покривате, а краевите сместете ги по страните на тепсијата. Одозгора оваа кора се премачкува со малку од течноста која ви останала од филот (компирите и кромидот, околу 2 лажици), а за да биде уште посочна, можете да ја помешате со малку масло и минерална вода.




Начинот на пакување на првите кори кои висат од тепсијата треба да започне од последната кора која сте ја ставиле, со наквасување малку од течноста од филот, па третата, втората и на крај првата. Вака подготвениот бурек се става на печење во претходно загреана рерна на 180/200 степени, околу 25 минути.

По изминатото време, додека бурекот е уште топол, се превртува од обратната страна, се остава неколку минути да отстои, па се сече на четвртини или осмини. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.