Овој леб е еден од највкусните што некогаш ќе ги пробате. Има вкусна и мека внатрешност која е воздушеста, а крцкава и румена коричка. Тестото се подготвува од 3 состојки, не ви треба ништо повеќе од брашно, вода и квасец. Можеби ќе се зачудите од малата количина на квасецот кој се става само 1 грам, тоа е приближно 1/4 лажиче.




Лебот е производ на многу труд за да се стигне до овој резултат, затоа долго време го чував во тајност, но сега решив со сите да го споделам. Тестото не се меси многу, и премесувањето трае кратко, а долгото е тоа што се остава повеќепати да отстојува. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 240 г брашно, 1/4 лажица квасец (1 г), 130 мл вода. И уште: 25 г брашно, 5 г сол, 70 мл вода. Количините се дадени за една векна леб или две помали, а доколку сакате повеќе, соодветно зголемете ги состојките.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад замесете го тестото. Ставете приближно 1 чаша брашно, па во средината на брашното направете мала вдлабнатина и додајте 1/4 лажиче сув квасец. Промешајте нежно со лажица, па прелијте 130 мл вода. Соединете со шпатула, додека водата да се апсорбира во тестото, па потоа замесете го рачно околу 3 минути.




Кога целото тесто ќе се соедини и садот ќе се исчисти така што ќе го соберете брашното од страните, извадете го тестото и започнете да го кинете на парчиња (со големина на залак). Парчињата фрлајте ги во садот каде што првично го замесивте тестото. Откога ќе го подготвите тестото, покријте го садот со проѕирна фолија и оставете го на собна температура да отстои околу 48 часа (на 20 степени).




За тоа време, тестото ќе ја удвои својата големина. Премесете го тестото уште малку, а при тегнење ќе забележите дека ферментирало добро и добило изглед на пајакова мрежа. Во еден сад соединете 25 г брашно, 5 г сол и 70 мл вода. Промешајте енергично со жица/маталка, додека смесата да се згусне, па прелијте врз компактното тесто.




Замесете го тестото додека целосно да ја впие течноста, месете го како да го гмечите, околу 10-тина минути. За ова време, тестото ќе стане полепливо од претходно, па можете добро да го домесите со шпатула. Покријте го садот со проѕирна фолија и ставете го во фрижидер 15-тина минути. Потоа, премесете го со наводенети раце и ќе го месите на следниот начин:




Тестото во садот замислете го како да е квадрат и од едната страна растегнете го високо, па преклопете го кон средината, како да го диплите, потоа свртете го на втората страна, повторно растегнете, па на третата и четвртата. Откога ќе го направите тоа, земете го целото тесто и фрлајте го со среден удар во садот, 10-тина пати.




Покријте го со фолија и оставете го во фрижидер 15 минути. Повторете ја постапката со тегнење, фрлање и отстојување во фрижидер, уште двапати, но бидете внимателни тестото да не ви се скине. Подгответе си еден правоаголен сад за печење леб и намастете го на дното и од страните. Потоа, ставете го тестото на средина од садот, покријте со капак или фолија и оставете да ферментира уште 1 час на топло место.




Потоа, извадете го од садот и растегнете го со превиткување кон средината. Ова повторете го двапати, па повторно оставете да ферментира уште 1 час. На рамна површина постелете чаршаф или голема памучна крпа и наросете брашно. Наросете го тестото со многу брашно пред да го извадите од садот и само превртете го на чаршаф или маса, без да го тресете од садот, оставете полека да се спушти.




Наросете го тестото со брашно и од втората страна, па обликувајте го во правоаголник и поделете го на два дела. Секој дел oбликувајте го од страните со помош на чаршавот, покријте и оставете го повторно да ферментира уште 1 час. По изминатото време префрлете ги двете теста на плех, обложен со хартија за печење и одозгора покријте со уште една хартија. Испрскајте ја одозгора хартијата со малку вода.

Печете во претходно загреана рерна на 240 степени, 10-тина минути, па потоа тргнете ја хартијата и допечете уште 15 минути. Лебот може да го јадете исечен на парчиња со малку маслиново масло (или со масло од семки од кајсија) или како сендвич. Деталите погледнете ги ОВДЕ.